Отворен е конкурсот за спортската награда „8 Септември“

Конкурсот за државната наградата „8 Септември” е отворен од саботата. Оваа награда се доделува на спортисти, тренери и спортски работници  за остварувања во областа на спортот.

Во една година можат да се доделат најмногу до пет награди, од кои една награда е за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план.

Со наградата „8 Септември“ за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план се оддава признание на тренери (селектори и тренери) и спортски работници заради промовирање на Република Македонија во светот со остварени високи спортски резултати во меѓународниот спорт со кои се дава исклучителен придонес за развој на спортот во Република Македонија.

Наградата „8 Септември“ за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на земјава на меѓународен план, ја доставува матичната национална спортска федерација, поддржана од најмалку десет национални спортски федерации. Една национална спортска федерација може да даде поддршка на само три кандидати за Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план. Кандидатите при поднесување на иницијативите задолжително да приложат документ со кој што ќе се потврди поддршката донесена и верификувана на седница на управен одбор од соодветната национална спортска федерација.

Четирите награди „8 Септември” со кои се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот може да достават поединци, спортски клубови, национaлни спортски федерации и други организации од дејноста спорт.

Паричниот износ на државната награда „8 Септември” изнесува десет просечни месечни плати во Република Македонија исплатени во последните три месеци во тековната година.

На наградениот за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план му се доделува плакета, диплома и паричен износ.

Паричниот износ на наградата „8 Септември” за животно дело е доживотна месечна исплата на една просечна плата исплатена во последните три месеца на тековната година.

Конкурсот трае  до 19 мај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.