Магазин

Отворен филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

Отворен филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

Нашата вечерашна приказна почна пред повеќе од еден век кога двајцата браќа од Македонија, од Битола, купија камера и станаа првите филмски сниматели на Балканот. Благодарение на нивната визија, ние знаеме повеќе за светот и векот во кој живееле нашите предци. Благодарение на нивниот завет, Македонија 35 години е организатор на најстариот меѓународен фестивал на филмска камера што во нивна чест го носи името „Браќа Манаки“.

Со овие зборови синоќа во Битола претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов свечено го отвори 35. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Во присуство на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски и бројни домашни и странски гости, Иванов истакна дека е почестен што е покровител на фестивал со врвни филмски остварувања.

– Уверен сум дека досегашните успеси ќе не мотивираат да трасираме пат кон ѕвездите поплочен со креативност, човекољубие и убавина, порача претседателот Иванов.

На свеченото отворање претседателот Иванов на светски познатата актерка, оскаровката Жулиет Бинош и ја врачи специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.

Благодарам Македонија, ви благодарам за гостопримството. Кинематограферите се исклучително важни бидејќи најмногу влијаат врз тоа како ќе заврши филмот, и тие мора да пронајдат посебен филмски јазик што ќе се разликува од другите филмови. Прекрасните режисери и кинематографери што ги запознавам овозможуваат не само да се изразам, туку и да влезам во потрага по вистината, да ја допрам и пронајдам таа вистина, рече меѓудругото оскаровката Бинош.

На фестивалската сцена во Битола бурно беа поздравен и двајцата лауреати кинематограферите Крис Менџис кој доби на „Златна камера 300“ за животно дело и Лука Бигаци, добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“.

На денешните прес-конференции ќе биде претставено меѓународното стручно жири ИФФК „Браќа Манаки“, ќе биде реализиран јавен разговор со актерката Жулиет Бинош, а режисерот Дарко Митревски ќе го промовира почетокот на подготовките за снимање на филмот „Аферата Мис Стон“.

Во вечерната програма, од 20 часот ќе биде приредена светска премиера на македонскиот игран филм „До балчак“ во режија на Столе Попов.