Отворен конкурсот за сместување во студентските домови

Конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови и други објекти за сместување за студиската 2014/2015 година, е веќе објавен, истакна на денешната прес конференција министерот за образование и наука  Абдилаќим Адеми. Согласно Конкурсот,  предвидени се вкупно 5.956 слободни места. Распределбата на леглата, ќе се врши согласно Законот за студентски стандард со кој предност се дава на студентите коишто потекнуваат од социјално загрозените семејства, и според кој тие се делат на три категории.

Во првата, опфатени се студентите од ранливите категории, односно од семејства чиишто вкупни приходи не ја надминуваат нето минималната плата утврдена во Република Македонија и  за кои државата целосно ги надоместува трошоците за сместување и исхрана во студентските домови. Опфатноста на оваа категорија на студенти е до 40 отсо од вкупниот број на легла во домовите.  Втората категорија се студенти кои постигнале особено висок успех во текот на досегашното учење. Опфатноста на оваа категорија на студенти е до 25 отсто од вкупниот број на легла во домовите. Третата категорија се студенти коишто не се опфатени во претходните две категории, за кои ќе се распределат до 35 отсто од вкупниот број на легла во домовите.

„Пријавувањето се врши електронски, со пополнување на пријава поставена на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk. Рокот за електронското пријавување на студентите од II година и повисоките години ќе трае до 10 август 2014 година, додека рокот за електронското пријавување на студентите од I година почнува од 19 август  и трае до 24 август 2014 година. Конечниот список за прием на студентите од II година и повисоките години ќе се објави на 29 август, додека конечниот список за прием на студенти од I година ќе биде објавен на 5 септемврина огласните табли во студентските домови каде конкурирал студентот и на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk, по што, во рок од 5 дена од денот на објавување постои можност за доставување на приговор до архивата на министерството“, рече Адеми.

„Доколку и по објавување на конечните списоци со примени  студенти во студентските домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи сé до целосно пополнување, но ќе трае најдоцна до 22 септември“, додаде Адеми.

Оваа година 138 студенти ќе имаат можност да се вселат во новите сместувачки капацитети во рамки на студентскиот дом Стив Наумов кои се веќе пуштени во употреба. Блокот Б од студентскиот дом Гоце Делчев, пак, не е понуден на Конкурсот, бидејќи во текот на летото ќе започне неговата реконструкција