Отворен контакт центар во Агенцијата за катастар на недвижности

Агенцијата за катастар на недвижности доби современ Контакт центар кој е ставен во служба на граѓаните, професионалните корисници и вработените на Агенцијата. На бесплатната линија 080080800 граѓаните ќе можат да ги пријават сите забелешки и поплаки за вработените во катастарот, да пријават мито и корупција, да добијат информации за статусот на конкретен предмет како и други работи поврзани со работата на катастарот, информираше денеска директорот Славче Трпески.

-Една од придобивките од формирањето на контакт центарот е и можноста преку директните јавувања на беспплатната телефонска линија да се следи и задоволството на клиентите од работата на катастарот, но и можноста апликациски да се креираат и следат анкети со цел да се добијат подетални информации од поширок круг на корисници за задоволството од добиените услуги од катастарот, истакна Tрпески.

Во контакт центарот ќе има посебна инфо-линија за професионални корисници на електронскиот шалтер, како и посебна инфо-линија за странски инвестиции и домашни бизнис компании.

Контакт центарот ќе работи секој ден од 8.30 до 16.30 часот и информациите ќе можат да се добијат на македонски, албански и англиски, а граѓаните парашања ќе можат да поставуваат и преку електронскта пошта info@katastar.gov.mk.

Лидија Кирјазовски раководител на одделението за грижа на корисници при Катастарот истакна дека апликацијата на Контакт центарот до денес била употребувана во тест период и со помош на јавувањата на граѓаните биле воочени сите најзини недостатоци кои потоа биле отстранети.

Таа посочи дека според евиденцијата од новата апликација бројот на добиени повици, решени предмети е значително повеќекратно успешно зголемен.