Македонија

Отворен „Летниот кампус“ во Пепелиште

Отворен „Летниот кампус“ во Пепелиште

Денеска се отвори „Летниот кампус 2014“ во центарот за обука Пепелиште.

На истиот учествуваат околу 170 питомци од земјава и странство.

На отворањето заменик министерот за одбрана, Емил Димитриев изрази задоволство што неговата визија за организирање летен кампус живее пет години.

– Свесни за предизвиците со кои се соочуваме мора да ни биде јасно дека заканите по безбедноста немаат милост, граници или паузи. Некои од овие закани се директно насочени кон нас, но некои од нив се резултат на нашите евроатлантски напори. Владата на Република Македонија е целосно посветена на продолжување по патот на евроатлантските интеграции, а со тоа и на одржувањето на регионалниот и глобалниот мир, нагласи Димитриев.

Тој рече дека денешните разбирања за безбедноста како резултат на новите безбедносни парадигми, како и глобалниот и технолошкиот развој, во голема мерка се разликуваат од порано.

– До соодветен одговор на современите закани може да се дојде само преку развивање на регионална и мултилатерална соработка, смета заменик министерот.

Македонските достигнувања на овој план, потсети дека се добро познати и оценети, но дека државата се соочува со еден од најпарадоксалните проблеми, а тоа е оспорувањето на нејзиниот идентитет, проблем кој претставува пречка за влез во НАТО. Димитриев изрази надеж дека на следниот самит, земјава ќе биде примена во НАТО, нешто што требаше да се случи уште во 2008 година.

– Од 2002 година до денес, Република Македонија е активен соработник во регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Повеќе од 3.400 македонски мировни војници имаат активно учество во заедничките напори со нашите НАТО и ЕУ партнери во мултинационални мисии, посветени на извојувањето победа за мирот, рече Димитриев.

Деканот на Воената академија во Скопје полковник доктор Орце Поповски изрази задоволство од континуираниот развој на „Летниот кампус“, кој стартуваше пред пет години со три држави учеснички од регионот. Сега учествуваат питомци од осум држави. Покрај домашните учествуваат и претставници од САД, Германија, Велика Британија, Бугарија, Косово, Турција, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

– Кампусот настана како резултат на потребата младите луѓе да се поврзуваат, бидејќи станува збор за млади, кои во иднина ќе бидат носители на мирот на регионален и глобален план. Пријателствата што ќе се воспостават овде се наша инвестиција во иднината. Искуствата покажуваат дека нашите војници, кои учествуваа во меѓународните мисии најголем успех постигнуваа токму таму каде што беа во тимови во кои можеа да соработуваат. Затоа уште сега ќе ги учиме овие млади луѓе да соработуваат во идните меѓународни мисии, нагласи Поповски.

Летниот кампус ќе трае до 20 јуни. Во негови рамки предвидени се и посети на културно-историските споменици во Битола, Охрид и Скопје.

МИА