Отворен македонскиот павиљон на 14-тото Биенале на архитектурата во Венеција

Под покровителство на Министерството за култура, во Артиљерии на Арсенале, свечено беше отворен Павиљонот на Република Македонија на 14-тата Интернационална изложба на архитектурата – Биенале во Венеција.Годинава во организација на Младинскиот културен центар, Република Македонија на овој врвен светски архитектонски настан на кој учествуваат 66 земји од светот, се претставува со изложбата „Наоди“. Македонскиот павиљон е сместен во старата оружарница во престижниот историски комплекс Арсенале.

Македонскиот павиљон се наоѓа во комплекс од неколку взаемно поврзани објекти на старата оружарница која нуди извонредни услови за изложување, како во локациска, така и во просторна смисла. Претходно во текот на 2011 година најголемиот дел од овие објекти биле подложени на обемен реставрациски потфат и денеска се во автентична состојба, и технички осовременети.

Во комплексот на старата оружарница, покрај македонскиот, се сместени и павилјоните на Аргентина, Албанија, Костарика, Обединетите Арапски Емирати, Мексико, Перу, Јужна Африка и Турција.

Куратор на изложбата „Наоди“ е Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, кој на проектот работеше заедно со Ана Ивановска-Дескова, Горан Мицковски, Бојан Каранаков, Огнен Марина, Владимир Десков и Александар Радевски.

Интернационалната архитектонска изложба Венециско биенале, е врвен светски архитектонски настан, на кој Република Македонија континуирано се претставува од 2004 година. Претставувањето на македонската современа архитектура на реномираното и престижно Биенале во Венеција има големо значење за афирмација на македонската култура во светот и создавање на позитивна претстава за нашата земја на кое архитектите автентично ќе ја претстават и промовираат македонската модерна архитектура.

14-то издание на оваа значајна интернационална ревија на архитектура ќе биде отворено до 23 ноември 2014.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.