Отворен Меѓународниот добротворен базар 2015

Во Градскиот Трговски Центар се одржа петиот по ред Меѓународен добротворен базар 2015.

Меѓународниот добротворен базар се организира по повод 1 јуни – Меѓународниот ден за заштита на детето и истиот е организиран од страна на „Добредојде“ – Маседониа Велкам Центар („Dobredojde“ Macedonia Welcome Center – DMWC), а втора година по ред оваа манифестација е финансиски поддржана од страна на Градот Скопје.

На просторот во Градскиот Трговски Центар повеќе амбасади и странски претставништва на штандови продаваат ракотворби и производи карактеристични за нивните држави, а сите собрани средства ќе бидат донирани за хуманитарни цели. На овогодинешниот базар имаше штандови од амбасадите од Србија, Кина, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Франција, Велика Британија, Романија, Шпанија, Боцна и Херцеговина, Словачка, Унгарија и Италија.

Megjunaroden dobretvoren bazar 2015 (2)

Меѓународниот добротворен базар 2015 за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Градот Скопје во своите основни постулати се грижи за унапредување, подобрување и заштита на децата во сите полиња од општественото живеење, токму затоа веднаш ја препозна потребата за промовирање и поддршка на еден ваков настан. Средствата собрани минатата година од оваа манифестација беа  донирани во училиштето за деца со посебни потреби “Златан Сремац”, додека оваа година, собраните средства од овој базар ќе бидат наменети за Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост  „ПОРАКА”, кажа градоначалникот Трајановски.

На отворањето на Меѓународниот добротворен базар пред присутните се обратија и Претседателот на „Добредојде“ – Маседониа Велкам Центар, Емилија Миладинова Аврамчева и амбасадорот на Р. Италија во Македонија, Н. Е Ернесто Масимино Белели.

Megjunaroden dobretvoren bazar 2015 (6)

На базарот свои музички и танцови настапи имаа повеќе уметнички друштва и ученици од поголем број на основни и средни училишта. Средствата од Меѓународниот добротворен базар 2015 ќе бидат наменети за Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА”, средствата собрани од базарот во 2014 беа наменети за Посебното основно училиште „Златан Сремац“, средствата од базарот одржан во 2013 година беа донирани во Центарот за Даунов синдром, додека средствата собрани од базарот од 2012 година беа донирани на Посебното основно училиште „Иднина“.