Отворен Меѓународниот натпревар NASA Space Apps Change 2014

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, денеска го отвори вториот меѓународен натпревар NASA SpaceApp Challenge во нашата земја, чиј домаќин е првиот бизнис акцелератор во Македонија (New Man’s Business Accelerator).

Во своето обраќање таа истакна дека за поздравување е подготвеноста на младите програмери од нашата земја да си ги измерат силите со нивните колеги од најразвиените земји, а Македонија од ден на ден станува сé поподготвена за вакви предизвици и со тоа сé попочитувана и поатрактивна на меѓународната мапа како плодна почва и расадник на талентирани информатичари.

„Владата е целосно посветена да даде свој придонес во организација на вакви настани и во промоција на успесите на нашите програмери, и во иднина ќе обезбеди и дополнителна финансиска поддршка за организација на вакви и слични натпревари и обуки преку серијата на програми на Министерството за информатичко општество и администрација“, рече Арсовска Томовска.

Посакувајќи им на натпреварувачите продуктивна и инспиративна работа во следните 36 часа колку што ќе трае натпреварот, таа рече дека тимската работа е вистинскиот пат до меѓународен успех на нашата земја.

„Најпознатиот орбитален телескоп, Hubble Space, кој беше лансиран од НАСА во 1990 година, ја потврди тероријата дека во универзумот постои мистериозна енергија и сними црвено космичко поместување кое доаѓа од далечните галаксии. Со тоа докажа дека универзумот постојано се шири. Ајде да ја искористиме таа мистериозна енергија и да докажеме дека Универзумот е доволно широк и за нашите идеи, иновации и проекти.„- рече Арсовска Томовска.

Инаку, учесниците заедно со ментори и експерти ќе имаат можност да работат на задачи зададени од NASA, a натпреварот годинава опфаќа пет теми – летови на човекот во вселената, астероиди, технологја во вселената, роботика и набљудување на земјата. На отворањето на настанот се обрати и Ирена Чаушевска од New Man’s Business Accelerator.