Отворен оглас за самовработување – можност за сите кои имаат сопствена идеја

Во насока на намалување на невработеноста во Република Македонија министеррот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски денеска промовираа конкретни мерки и активности.

– Наша цел е преку конкретни мерки да создадеме и креираме можности за сите невработени, при што преку конкретни активности кои се насочени кон намалување на невработеноста и подобрување на вработливоста сакаме да ги поттикнеме сите оние кои имаат сопствена бизнис идеја и концепт за развој на сопствена компанија да се активираат, да го креираат и создадат сопствениот бизнис вклучувајќи ги и ставајќи акцент особено на младите, рече министерот Спасов.

На денешната прес конференција беа презентирани четири активни мерки кои од денеска се активни: проектот за самовработување со акредитирање, понатаму проектот за самовработување со акредитирање за невработени млади лица до 29 години, проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места,  проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за вработување млади лица до 29 години.

– Би сакал да ги мотивирам сите оние коишто размислуваат за основање на сопствен бизнис, особено младите да ја искористат оваа шанса и да подигнат поволен кредит за самовработување и отворање на нови работни места  со што не  само што ќе се отворат нови работни места туку и ќе се поттикне и развие претприемништвото, рече Спасов.

Огласите за овие мерки ќе бидат активни 10 дена од денот на објавување. Условите под кои може да се добијат кредитните средства за млади до 29 години се следните: кредитобарателот може да подигне 7.000 евра, а за секое ново отворено работно место дополнителни 4.000 евра  при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 23.000 евра,  рок на враќање на средствата е 7 години (84 месеци) односно период  на отплата 66 месеци (5,5 години) и  грејс период од 18 месеци (1,5 години) и  каматна стапка од 1% на годишно ниво.

Исто така, и сите приватни компании коишто планираат да отворат нови работни места за млади, можат да аплицираат за поволниот кредит при што доколку вработат младо лице можат да подигнат кредит до 4000 евра за секое вработување или до 12000 евра за вкупно три вработувања, при што рокот на враќање е 2 години со грејс период од 1 година и само 1% каматна стапка.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски нагласи дека досега сите што оствариле контакт со Агенцијата за вработување добиле сретства. Тој напомена дека Агенцијата на барање на клиентите го проширила кругот на соработка со банките, така што сега соработуваат со 6 банки.

Тој ги повика сите што се заинтересирани за овие мерки да го посетат веб порталот на Агенцијата за вработување, каде под активни мерки се објавени сите овие огласи, заедно со бизнис планот и апликацијата.

Ново е тоа што годинава на веб страната е објавен и образец за тоа како треба да се пополни бизнис планот, при што, како што рече Поповски, сите што имаат некакви нејаснотии во однос на пополнувањето може да се обратат во центрите на Агенцијата и да добијат поопширни информации.

На пресконференцијата се обрати и Александра Стевановска која е корисник на мерката за самовработување со акредитирање за млади лица до 29 години. Таа со помош на оваа мерка успејала да отвори сопствен бутик за деца и млади и работи веќе два месеци, а вработила уште едно лице.

Стевановска ги повика и ги охрабри сите млади да се јават во Агенцијата за вработување и нагласи дека таму ќе наидат на помош и на разбирање, а дека сите постапки за одобрување на кредитот се остваруваат навистина брзо.

Инаку, од 2008 до 2014 година со Програмата за самовработување со кредитирање регистрирани се 2.747 фирми од кои 2.153 се активни, или во проценти 78.3%. Во овие  фирми се вработени  вкупно 3.290 лица.