петок, 9 декември 2016  |  Вести денес: 34

Отворен Почесен конзулат на Република Македонија во Белгија

За почесен конзул на Република Македонија е именуван Рајес Леменс, млад претприемач со искуство во Европа, Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка.

konzul

Последни вести

Република Македонија од синоќа има нов Почесен конзулат во Кралството Белгија, јави дописникот на МИА од Антверпен. Со свечена церемонија на која присуствуваа видни гости од општествено-политичкиот живот на Белгија, дипломати, амбасадори и успешни македонски граѓани што живеат во Кралството, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски, заедно со градоначалникот на Антверпен, Барт де Вевер го отворија конзулатот во најголемиот бизнис-град во регионот Фландрија.

За почесен конзул на Република Македонија е именуван Рајес Леменс, млад претприемач со искуство во Европа, Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка. Како што се наведува во официјалното соопштение на македонското МНР, Леменс ја започнал својата кариера во Народна Република Кина, а студирал право и меѓународни односи. Денес, тој зад себе има основано и менаџирано повеќе компании во градежништвото, тргување со недвижен имот, интернет-трговија, консултантски услуги итн.

Вицепремиерот Попоски, на свечената церемонија при отворањето соопшти дека Република Македонија го назначи Рајес Леменс за почесен конзул на нашата држава поради неговите успеси на економски план, како и поради придонесот што досега го дал во промоција на Македонија пред белгиската бизнис-заедница.

– Се надеваме дека во соработка со нашата Амбасада во Белгија и амбасадорот Лазар Еленовски, Леменс ќе успее да ги истакне сите придобивки што ги нудиме во однос на привлекувањето странски инвестиции уште поинтензивно и неговата претприемничка енергија ќе ја насочи кон мотивирање на белгиските бизнисмени за проширување на нивните активности и во Република Македонија, истакна Попоски.

Честитајќи го отворањето на Почесниот конзулат и одличниот избор на местото каде се наоѓа, а тоа е на „Гроте Маркт“ на плоштадот во центарот на Антверпен, градоначалникот на овој град Де Вевер, кој е и претседател на најголемата политичка партија во Белгија – „Н-ВА“, порача дека освен на локацијата е горд и на времето кога се отвора овој конзулат, бидјеќи, според него, тоа се случува на 25-годишнината од независноста на Република Македонија, како што ја ословуваше нашата земја овој најпопуларен белгиски политичар.

– Благодарение на зголеменото економско партнерство меѓу Македонија и белгискиот регион Фландрија во последно време, што е благодарение на инвестициите во Македонија на компанијата „Ван Хул“ и затоа Белгија е сега еден од „Топ 10“ најголеми економски партнери на Република Македонија. Во градот Антверпен имаме двојно повеќе жители во однос на една декада претходно, лица што доаѓаат од 174 различни националности, но со гордост можам да кажам дека меѓу нив има и 150 Македонци. На овој конзулат му посакувам голем успех, истакна градоначалникот на Антверпен, Де Вевер.

Пред чинот на отворање на Почесниот конзулат, во Антверпен беше организирана и бизнис-презентација на можностите што ги нуди Република Македонија пред белгиски бизнисмени од повеќе сектори.

Изборот на градот Антверпен во Фландрија, регион во Белгија со значителен потенцијал на економски план е и поради тоа што фламанскиот регион е еден од првите пет најконкурентни региони во Европската унија по иновативност и примена на нови технологии.

Најчитани вести