Отворен пункт за Итна медицинска помош во поликлиниката Ѓорче Петров

Во поликлиниката во Ѓорче Петров денес беше отворен пункт за Итна медицинска помош. Наменет е за целиот регион на општината, како за околните така и за руралните средини. Со отварањето на овој пункт ќе се намали и времето и средствата кои граѓаните досега ги трошеа, поради тоа што оваа општина се покриваше од поликлиника Букурешт.

Мминистерот за здравство Никола Тодоров, денес беше во посета на Поликлиниката, а заедно со директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска- Вучковиќ, информираа за деталите.

Итната медицинска помош ќе работи во три смени што значи дека ќе има 24-часовна покриеност и очекуваме со оваа најнова мерка која ја превземаме со Здравствен дом во Скопје, дополнително да ја доближиме услугата кон граѓаните.  Инаку во Ѓорче Петров пред неколку дена се отвори уште еден специјалистички кабинет, 5-ти по ред за кожно, односно дерматовенерологија, со што овозможуваме и оваа услуга да биде сериозно доближена до граѓаните, односно до жителите во општината Ѓорче Петров, рече Тодоров.

Здравствениот дом во Скопје се повеќе се развива и се повеќе и претставува таканаречен „чувар на портите на секундарното и терциерното здравство“.

Имајќи предвид дека дури 90% од пациентите кои се дојдени во Здравствениот дом Скопје се упатени од матичните лекари се згрижени комплетно и завршени се сите медицински процедури во Здравствен дом Скопје.

Дополнително во Здравствен дом Скопје планираме да започнеме една нова процедура, а тоа е ЕМГ. Веќе набавките на овој апарат се при крај и очекуваме во текот на ноември да се започне со давањето и на оваа услуга во Здравствен дом Скопје, и тоа имајќи предвид дека неврологот којшто е примен беше веќе на едукација во Словенија и е комплетно подготвен да одговори на оваа задача, информира Тодоров.

Доближувањето на здравствените услуги до граѓаните спрема местото на живеење е еден од приоритетите на Здравствен дом-Скопје.

Изминатите три години сериозно работиме во зајакнување на капацитетите на дисталните поликлиники во Ѓорче Петров, Драчево, Ченто каде ги растеретуваме централните, но со зајакнување на постоечки, отворање на нови кабинети и глобално воведување на нови дијагностички процедури и третмани кои ни се овозможени преку обуките од Министерството за здравство за специјалистите, бидејќи за да еден кабинет профункционира потребни се простор, опрема и кадар, истакна директорката Баевска-Вучковиќ.

Бенефитот од пунктовите е како за пациентите, така и за севкупниот здравствен систем бидејќи се прави заштеда во терциерното ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.