Отворен Саемот за туризам и Деновите на образование и кариера

На Саемот за туризам учествуваат агенции и туроператори од државата и странство, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, како и компании за производство на хотелска опрема и за софтверска поддршка на туризмот. Се презентираат туристичките потенцијали со кои располага државата, како и понудите на туристичките агенции за летување надвор од државата.

Саемот го отвори директорката за Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лела Крстевска која рече дека саемот од година во година станува се помасовен и попосетен.

– И оваа година можност е да се прикажат туристичките убавини на Македонија и на другите земји од регионот и пошироко на саемот кој се надевам дека секоја година се повеќе зема замав и има поголема посетеност. Во соработка со приватниот сектор, Стопанската комора за туризам и Скопскиот саем ќе се потрудиме да ги исполниме очекувања на посетителите и да ја претставиме Македонија во најубаво можно светло, истакна Крстевска.

Организаторите очекуваат саемската манифестација да ја посетат околу 30.000 луѓе.

Покрај овој саем, денеска почнаа и Деновите на образование и кариера, во чии рамки високообразовните институции ги претставуваат можностите за студирање во Македонија и во странство. Првпат најавено е учество на CMEPIUS – Агенција при Министерството за образование на Словенија, која треба да ги претстави своите активности заедно со четири словенечки универзитети – од Љубљана, Марибор, Приморска и Нова Горица. Се очекува да има претставници и од универзитети од Грција, Чешка, Турција и Бугарија.