Спорт

Отворен турнирот за ракмет на плажа во Скопје

Отворен турнирот за ракмет на плажа во Скопје

Вчеравечер, на Градската плажа „Парк“ во Скопје, официјално беше отворен вториот по ред Ракометен турнир на плажа за мажи и жени- СКОПЈЕ 2014.

Ракометниот турнир е во организација на РК Работнички, а се реализира со поддршка, односно под покровителство на Градот Скопје.

Турнирот за отворен го прогласија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Влатко Неделковски, претседател на РК Работнички.

Неделковски на отворањето говореше за организацијата на овој турнир, како и за идните планови за ова натпреварување.

– Како што ветивме минатата година, оваа година натпреварувањето е во сениорска конкуренција, каде ќе настапат голем број на играчи кои активно играат во првата македонска лига. Догодина се надеваме дека овој турнир да добие меѓународен карактер, како и да организираме летна лига, во чии рамки би се одиграле натпревари во младинска и сениорска конкуренција, изјави Неделковски.

Otvoranje an turnir vo rakomet na plaza Skopje 2014 (2)

Градоначалникот Трајановски изрази задоволство од одржувањето на овој турнир, бидејќи со ова натпреварување се популаризира спортска дисциплина која не е типична за овие простори.

– Градот Скопје напорно работи на создавање на услови за развој и промовирање на овие летните спортски дисциплини. Изминативе години Градот Скопје изгради поголем број на спортските игралишта на песок на двете градски плажи, каде граѓаните можат истите бесплатно да ги користат. Ја користам оваа можност да ги повикам скопјани да го проследат овој турнир и да уживаат во натпреварите, додека на учесниците им посакувам фер-игра и добри натпревари, кажа Трајановски.

Вториот по ред Ракометен турнир на плажа за мажи и жени- СКОПЈЕ 2014 ќе се одржува во наредните три викенди, се до 14 септември 2014 година, каде ќе се натпреваруваат осум екипи во машка и четири екипи во женска конкуренција. Натпреварувањата ќе се одвиваат по бергеровиот систем секој со секого, а натпреварите ќе се реализираат од 17 часот, па се до 20 часот.

Првите два викенди ќе се одржат натпреварите во машка конкуренција, додека последниот викенд на 13-ти и на 14-ти септември ќе се одиграат натпреварите во женска конкуренција.

Вториот по ред Ракометен турнир на плажа за мажи и жени- СКОПЈЕ 2014 е финансиски поддржан од страна на Градот Скопје.