Отворен „Виз ер Скопје маратон експо“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на „Виз ер скопски маратон“, Кире Синадиновски и извршниот директор на Скопски саем, Даниела Глигоровска денеска го отворија „Виз ер Скопје маратон експо“, саем кој за прв пат се организира годинава по повод Скопскиот маратон 2015.

– На улиците на Скопје на 10. мај ќе истрчаат над 7.000 учесници во 11-то издание на „Виз Ер Скопскиот маратон 2015“ и ќе го преплават нашиот град Скопје со позитивна енергија. Градот Скопје и годинава ја има честа да биде домаќин на познати маратонци, полумаратонци и рекреативци кои ќе трчаат за мир, за промоција на оваа најтешка атлетска дисциплина и за промоција на спортот и здравите животни навики. Ми претставува особена чест што денеска за првпат во Скопје се отвора „ВИЗ ЕР СКОПЈЕ МАРАТОН ЕКСПО“, саем на кој што посетителите можат да се запознаат со маратонското трчање, да се информираат за организирањето на другите познати европски маратони и да ги погледнат штандовите на кои се нудат популарни брендови здрава храна, напитоци и спортска опрема и реквизити. Воедно, на овој саем ќе се подигаат и стартните пакети за учениците во годинешниот маратон. Очекуваме саемот да привлече голем број љубители на маратонското трчање. Скопскиот маратон е најголемата и најмасовна спортска манифестација во нашава земја. Неговото одржување и активностите за негова промоција поттикнаа голем број наши сограѓани да почнат да се занимаваат со спорт, со трчање и да следат здрави животни навики. Оттука, ми преостанува да ги поканам граѓаните во што поголем број да излезат на градските улици во недела, да навиваат и да ги бодрат учениците во маратонот, а на маратонците – учесници во 11-то издание на Виз Ер Скопски маратон 2015 им пожелувам успешни трки и рекорди!, истакна градоначалникот Трајановски.

saem1

Кире Синадиновски, директор на трката на Виз Ер Скопскиот маратон, рече дека се остварија очекувањата овој маратон да биде најмасовниот и најпосетениот досега, а го изрази и задоволството за отворањето на Виз Ер Скопје Маратон Експо, саемот кој првпат се организира годинава.

saem2

Дел од учесниците своите стартни пакети ги подигнаа денеска, а преостанати пријавени учесници ќе  можат да ги подигнуваат и во текот на наредните два дена на ВИЗ ЕР СКОПЈЕ МАРАТОН ЕКСПО во хала број 4, на Скопски саем.