Отворена канцеларија на АВРМ во Ѓорче Петров

Агенцијата за вработување денеска отвори дисперзирана канцеларија во Општина Ѓорче Петров во која жителите од оваа и околните општини ќе ги остваруваат своите права и обврски и ќе добиваат услуги. Ќе можат да се пријават во евиденцијата за невработени, да аплицираат за мерките за вработување, да посетуваат обуки, да добијат совети за аплицирање за работа…

– Сите на кои Центарот за вработување на Скопје им е далеку и им предизвикува дополнителни трошоци за патување ќе можат тука во непосредна близина да си ги остварат сите свои права и обврски, да побараат работа, да учествуваат на едукација, да се пријавуваат во евиденцијата за невработени редовно секој месец или на шест месеци во зависност од тоа на кој регистар припаѓаат, изјави директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

Целта на отворањето дисперзирани канцеларии, истакна, е сите заедно да успееме да има што помалку невработени. Како Агенција правиме напори сите наши услуги да ги промовираме исто и соодветно на сите граѓани во нивната непосредна близина. Се надевам дека граѓаните ќе ги користат придобивките од отворањето на канцеларијата, рече Поповски.

Агенцијата за вработување досега има отворено 47 дисперзирани кацеларии. Следниот месец планираат да отворат канцеларија во општините Аеродром и Ранковце, а наесен и во Пласница, со што ќе се заокружи планот за покривање на целата територија на државата со дополнителни простории со услуги за граѓаните.

Во Агенцијата за вработување моментно може да се аплицира за мерките практикантство за млади лица до 29 години и обука кај познат работодавач. На веб порталот на Агенцијата за вработување дневно во просек се објавуваат огласи за 7.000 до 10.000 работни места, зависно од денот и бројот на компании кои изјавуваат потреба за вработување лица. Со измените на Законот за работни односи од лани компаниите се обврзани огласите првин да ги објават на порталот на Агенцијата, а потоа во кој било друг медиум.

– Направена е база на слободни работни места, со основните податоци за плата, работно време, ангажман во тек на неделата… Се обидуваме компаниите да постават што е можно подобри информации на нашиот портал за да добиеме подобра селекција на кандидати за вработување. Препорачувам сите невработени да го користат порталот на Агенцијата е работа затоа што така можеме да го следиме секое испратено си-ви и да видиме дали работовачаот одговорил или не на барањето на работниците, нормално доколку имаат содветно си-ви, информира Поповски.