Отворена канцеларија за адвокати во Апелациониот суд

Канцеларија наменета за адвокати во зградата на Апелацискиот суд-Скопје денеска отвори Адвокатската комора на Република Македонија .

Претседателот на Адвокатската комора Никола Додевски на отворањето на канцеларијата рече дека овој чекор  за адвокатите е од голема важност бидејќи, како што кажа, е дел од заложбите на комората за враќање на адвокатурата на вистинското место каде што припаѓа.

– Ова е прв чекор од еден проект кој што е замислен за подобрување на условите за работа на адвокатите во сите судови во Македонија. За почеток барем во поголемите судови каде што замислуваме да имаат вакви простории каде што ќе се овозможи адвокатите подобро да си ја обавуваат својата работа и да ги остваруваат правата на граѓаните како и секогаш квалитетно, но сега со малку порамноправни позиции од аспект на условите за работа, изјави Додевски.

Појасни дека канцеларијата која е опремена со средства на Адвокатската комора  ќе биде на користење  на подолг временски период.

На новинарско прашање за предлог измените на Законот за нотаријат, Додевски рече дека таа инцијатива е заедничка на двете комори, адвокатската и нотарската.

– Накусо речено, нашата заедничка иницијатива со нотарите беше за истите трошоци да се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните, додаде Додевски.

Според него, секое право на граѓанинот што подобро се штити, кое што дава зголемена правна сигурност на граѓаните, треба секој да го поздрави посебно доколку тоа значи, како што кажа, задржување во истите рамки на трошоците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.