Отворена копаничарска изложба

По повод одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ и Денот на Општината „Илинден 2-ри Август“, а согласно трајните определби на Општина Илинден за зачувувањето и негувањето на традицијата и традиционалните вредности, во „Домот на куклтура „Илинден“ беше  отворена копаничарска изложба.

Изложбата ја отвори градоначалникот Жика Стојановски кој истакна дека  определба на локалната самоуправа е и во иднина преку зоботувањето на културните настани и објекти да ги чува и негува нашата богата историска, културна и фолклорна традиција.

За значењето на изложбата и воопшто за копаничарството чиј извор и центар е токму Македонија, на присутните им се обрати Димче Бунтевски, маркетинг менаџер на Здружението на копаничарите на Македонија.

Со отворањето на изложбата љубителите на оваа уметност, карактеристична за македонското поднебје, имаат ретка можност да видат 22 копаници, или како што често се нарекуваат резби, дела на деветмина истакнати копаничари од нашата земја, Славе Кочовски, Злате Крстески, Никола Прчков, Тоде Вељановски, Драган Зелениковски, Борис Попев, Горан Алкушовски, Верица Ставревска и Драги Ѓуровски.

Изложбата што Општина Илинден ја организира во соработка со Здружението на копаничарите на Македонија ќе  биде отворена до 29 јули.

.