Отворена манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“

На Гумење во Крушево, по 49. пат вечерва беа отворени Научно-културните средби „10 Дена Крушевска Република“ во пресрет на утрешното одбележување на македонскиот национален празник 2 Август – Илинден.

Со пристигнувањето на илинденските коњаници и со кревањето на бајракот на столбот на Гумење е означен почетокот на оваа манифестација на која присуствуваше и премиерот Емил Димитриев.

Делегации на Манифестацијата и на градот Крушево, како и коњаниците им оддадоа почит на загинатите борци. Свежи цвеќиња беа положени на криптата на илинденските востаници, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, пред споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проески.

Според градоначалникот на Крушево и претседател на Манифестацијата Ѓорѓи Дамчески илинденската приказна опстојува и по 113 години.

–  Ако не беше Илинденското востание, не ќе бевме ние Македонци, ниту државата Македонија. Илинденската приказна жилаво опстојува и не уверува дека иако сме мали, можеме да кренеме глава, да пуштиме глас и да избориме право на свое место под сонцето, нагласи Дамчески.

За потпретседателот на Манифестацијата  Манојил Јаковлевски, Манифестацијата е време за оддавање почит на сите знајни и незнајни херои.

– „10 дена Крушевска Република“ е време кога се потсетуваме на аманетот на нашите предци да ја чуваме нашата држава и да ја пренесуваме на нашите потомци. Повикот од Крушевскиот манифест беше пред своето време за да се обединат и да се сплотат сите обесправени. Денес, 113 години по Илинденското востание и 25 години од независноста сме исправени пред нови предизвици и затоа е битно да останеме обединети и единствени, рече Јаковлевски при отворањетто на Манифестацијата.

Во чест на илинденците и на големиот празник симболично беше оддадена почит на јунаците и со огнометот и пукање од топчето.

Манифестацијата им додели плакети на: МВР-единицата за специјални задачи, постхумно на Даринка Петреска-Пачемска и на Македонската радиотелевизија.

Во рамки на Манифестацијата, во научниот дел од програмата на 3 август од 11 часот во хотелот „Монтана палас“ ќе се одржи трибина под наслов: Илинден: слобода, државност и независност“ на која ќе говорат бројни стручњаци од земјава.

Манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август кога ќе биде затворена со симнување на бајракот на Републиката и со почесна стрелба за хероите на Крушевската Република.