Отворена можност за пријавување кандидати за соработка со странски медицински центри

Министерството за здравство ги повикува сите заинтересирани лица да се пријават на огласот за надворешен соработник за развој на соработка со странски медицински центри и договарање работен ангажман на врвни странски доктори од различни области во јавните здравствени установи низ државата.

Ангажманот на соработникот се состои од воспоставување контакти со странски медицински центри, како и непосредни контакти со повеќе доктори, а во зависност од потребите, ангажманот може да вклучува и посета и престој во странски држави. Ангажираниот соработник треба да поседува добри комуникациски и менаџерски вештини.

Воедно, кандидатот за соработник треба да ги исполнува следните услови: завршено високо образование од која било област, а предност при селекцијата ќе имаат дипломирани доктори по општа медицина, дипломирани фармацевти и дипломирани стоматолози, како и одлично познавање англиски јазик, за што треба да поседува соодветно признание (TOEFL или друга меѓународно призната диплома).

Заинтересираните кандидати можат да испратат кратка биографија (CV) и потврда за познавање англиски јазик во архивата на Министерството за здравство, или по пошта на адресата: ул. 50 Дивизија бр.14, 1000 Скопје, со назнака: „Оглас за ангажирање надворешен соработник за развој на соработка со странски медицински центри“. Повеќе информации за огласот се достапни на веб страната на Министерството за здравство.