Отворена нова детска градинка во Црниче

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, претставникот на УНДП во Македонија, Луиза Винтон во скопската населба Црниче во општина Кисела вода денеска ја пуштија во употреба новата детска градинка, клонот „Перуника“ во рамки на градинката „Весели цветови“.
“Градинката се отвара во комплетно реновиран, реконструиран и опремен објект. МТСП во оваа инвестиција учесвуваше во целосно обезбедување на опремата. Задоволство ми е што интересот на општина Кисела Вода е голем за зголемување и подобрување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна воздраст” рече на отворањето на градинката министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Додаде дека проектот почнал со реализација на иницијатива на градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, а оти Министерството се приклучило во реализацијата и помогнало во опремувањето на оваа детска градинка. Апелираше примерот на општина Кисела Вода да го следат и другите општини и најави дека и натаму ќе се продолжи со проекти за реконструкција и изградба на нови установи за згрижување деца од предшколска возраст.
Градинката има капацитет да згрижи педесеттина деца, а се отвара на барање на жителите од оваа населба. Таа е отворена во адаптиран дел на подрачното училиште „Кузман Јосифонски Питу“. За адаптација биле инвестирани 3 милиони денари. Опремена е со средства од Министерството за труд и социјална политика во висина од над 500 илјади денари.

ds2

Претходно, пред да биде адаптиран овој дел од училиштето за детска градинка, тоа било реновирано со средства на општината во висина од 4 милиони денари и на УНДП во висина од 2 милиони денари.

“Со општина Кисдела Вода соработуваме во опремување на уште една детска градинка која набрзо ќе биде завршена и подготвена за пуштање во употреба” рече Спасов.

Градоначалничката на општина Кисела Вода потенцира дека со поддршка на МТСП успеале за многу краток период да реновираат дел од подрачното училиште. Од понеделник неа ќе почнат да ја посетуваат 40 деца од Црниче и од населбата Бирарија.

“Градинката се отвара на барање и поради зголемениот интерес на младата популација, младите родители, кои живеат во овој дел на општина Кисела Вода и на ваков начин општината им излезе во пресрет. Објектот е реконструиран во текот на летото во соработка со УНДП”рече Беличанец Алексиќ.

Појасни дека објектот е високо енергетски. Сменети се, рече, прозорите, кровот фасадата. – Го заменивме и системот за загревање со био маса кој овозможува 80 процентна заштеда во енергија, а нула проценти испуштање штетни гасови во воздухот. Уште две градинки во Драчево – Пеперутка 1 и 2 ќе добијат вакви системи, рече таа, појаснувајќи дека тие реализираат со финансиска поддршка на УНДП.

Претставникот на УНДП во Македонија Луиза Винтон истакна дека општина Кисела Вода е лидер во енергетска ефикасност. – Ова денес е пример како една скромна инвестиција и напор може да овозможи големи заштеди и значително да ги подобри условите за работа и престој на децата, рече таа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.