Македонија

Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“

Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“

Новата фабрика на „Техникал Текстајлс“ е денеска отворена во Технолошко индустриската развојна зона во Штип. Станува збор за инвестиција чини околу 15 милиони евра, а во неа ќе се произведуваат повеќе компоненти на фиберглас кој има широка примена во градежната, авионската и автомобилската индустрија.

Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“, фото: МИА
Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“, фото: МИА

Фабриката во која веќе работат 100 лица денес свечено беше отворена од страна на премиерот Никола Груевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и сопственикот на „Техникал Текстајлс“ Јинс Вандланд.

Груевски: Новата фабрика на „Техникал текстајлс“ од големо значење и за околните места

Премиерот Груевски посочи дека во наредниот период во оваа фабрика се очекува да се отворат уште илјада нови работи места, што ќе има големо значење за општините Штип, Кочани, Велес, Свети Николе, Карбинци, Лозово, Конче, Чешиново-Облешево и околните места.

Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“, фото: МИА
Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“, фото: МИА

Ова е втората фабрика во оваа ТИРЗ. „Џонсон контролс“ веќе неколку години работи во зоната, а сега почнува да работи и „Техникал Текстајлс“, а наскоро и италијанската компанија „Кондево“ која ќе започне со својата инвестиција и ќе отвори 250 нови работи места. Тоа се одлични раздвижувања за штипскиот регион. Локалната економија веќе ги чувствува влијанијата на новите инвестиции. Пред неколку месеци се отвори и новата фабрика на „Актива“. Оваа фабрика е во директна врска со белгиската инвестиција на „Ван Хол“ која успеавме да ја привлечеме во изминатите години. Веднаш до новата фабрика на „Актива“ во наредниот период очекуваме изградба на уште една фабрика, овој пат на германската компанија „Семак Фешн“ која во таа зона има купено земјиште од околу 35.000 метри квадратни. Ако некогаш Штип беше град во кој фабриките се затвораа, денес сведочиме на обратен тренд. Денес штипскиот регион е претворен во едно големо градилиште. Се градат голем број објекти, се отвораат фабрики, луѓето се вработуваат, процентот на невработеност полека, но сигурно се спушта надолу, а сето тоа влијае за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Тоа е голема сатисфакција за нашата досегашна работа, рече Груевски, пренесе МИА.

Продолжуваат напорите за подобрување на бизнис климата

Премиерот нагласи дека Владата продолжува со инвестициите во технолошко индустриските развојни зони низ Македонија. А како што нагласи ќе продолжат и напорите за подобрување на бизнис климата во државата, намалување на бирократските процедури и сето она што значи подобар сервис на државниот апарат кон странските инвестиции.

Нашите досегашни резултати се добро познати и видливи во цела Македонија. За тоа говорат и самите инвеститори. За тоа е сведок и господинот Вендланд кој во периодот на потрага по локација за својот нов деловен потфат, се откажал од Абу Даби и дојде во Македонија каде што наиде на пријателски расположена влада, добри услови за инвестирање, брзи процедури за старт на инвестицијата и резултатот е оваа фабрика, рече Груевски.

Вендланд: До крајот на годината 300 вработувања во новата фабрика на „Техникал текстајлс“

Пред присутните се обрати и сопствениот на германската компанија „Техникал Текстајлс“ Јинс Вендланд, кој истакна дека во новата фабрика покрај стоте вработени коишто во моментов работат, планирано е до крајот на годината бројот на вработени да достигне 300 лица.

Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“, фото: МИА
Отворена новата фабрика на „Техникал текстајлс“, фото: МИА

Јас во месец мај минатата година бев во авион кон Абу Даби за да потпишам договор за изградба на нова производствена хала, односно токму оваа во која сега се наоѓаме, а требаше да биде изградена во Абу Даби. Тогаш во еден светски економски магазин прочитав мал прилог за Македонија. Се нудеа добри можности за инвестирање. Затоа веднаш решив да го сменам авионот и да заминам за Македонија за да се информирам подетално за инвестирање во вашата земја. Имаше и други земји во кои се нудеа и можевме да добиеме субвенции од Европската унија, односно други големи финансиски поддршки. Тоа во Македонија беше можно само во ограничени рамки, но Македонија покрај другото нуди многу мотивирани работници, голем потенцијал на соработници, многу силна општинска и државна поддршка и многу други работи. Токму ова ја направи локацијата Македонија за нас многу интересна, па оттука тука ние преку Германско-македонско стопанско здружение стапивме во контакт со г. Мизо, а тој со својот тим ни дадоа многу детални информации за можностите за отворање на производствен погон во слободните индустриски зони. Јас многу брзо бев убеден од сета понудена програма и веднаш започнавме со голема брзина да работиме на проектот, рече Вендланд.

Тој истакна дека нова фабрика на „Техникал Текстајлс“ почнала да се гради минатата година и во рок од 14 месеци истата е изградена. Во моментов во компанијата има околу стотина вработени, до крајот и почетокот на идната година ќе има околу 300 вработени.

Доколку целата инвестиција се движи во позитивна насока, како што очекуваме, спремни сме бројот на вработени да го зголемиме со можност бројот во следните години да се искачи и до илјада вработени, како и да направиме други инвестиции во други проекти во Република Македонија. Нашиот делокруг на работа се состои во производство на технички текстил од фибер глас влакна, кој често се користи во повеќе области како фасадната изолација за ветерници, бродската индустрија и други сектори, рече Вендланд.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека новата фабрика на „Техникал Текстајлс“ во Штип е изградена на површина од 13.000 метри квадратни во која се инвестирани околу 15 милиони евра, а освен креирањето на работни места, како што рече Мизо, изградбата на фабриката ќе придонесе и за влез на нови технологии, трансфер на знаења, воспоставување на соработка со домашните компании, како и за зголемување на извозот.