Отворена постапка и определен притвор за разбојникот во девет скопски аптеки

Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, кое во девет одделни случаи извршило разбојништво во девет аптеки на подрачјето на Скопје.

Осомничениот на возраст од 44 години, во периодот од 23 јуни до 18 јули, заканувајќи се со пиштол и вербално кон вработените во аптеките, противправно присвоил финансиски средства.

Со преземање на овие дејствија, осомничениот извршил девет кривични дела – Разбојништво од член 237 став 4 од Кривичниот законик.

Надлежниот обвинител ценејќи дека се исполнети законските основи, како и поради тоа што постојат околности што укажуваат на можно бегство на осомниченото лице, можност за попречување на кривичната постапка преку влијание врз сведоци, можност да се скрие или пак да го повтори делото, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување на мерка – Притвор.

Судот го прифати предлогот и на осомничениот со Решение му изрече притвор во времетраење од 30 дена.