Отворена продажна изложба во „Јавна соба“

Парчиња накит, облека, мебел и други дизајнерски производи со практична и применлива вредност, создадени од 17 млади креативни практичари денес беа изложени во рамки на продажната изложба на дел од проектите од областа на креативните индустрии кои беа финансиски поддржани од Министерството за култура во 2015 година.

Изложбата беше отворена денес во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, а ќе биде отворена вечерва до 20 часот.

Отворена продажна изложба во „Јавна соба“
Отворена продажна изложба во „Јавна соба“

На отворањето на продажната изложба присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Министерството за култура веќе четири години поддржува млади уметници, архитекти за изработка на различни дизајни, на различни предмети, производи кои подоцна може да се комерцијализираат и конечно се формираше еден простор којшто беше идеја подолг период на кој ќе може младите уметници, архитекти, дизајнери итн. да имаат бесплатни услови за нивното делување, изјави Груевски.

Ова, посочи, е простор кој порано беше еден речиси напуштен магацин, простор од околу 1.400 м2 на кој секој млад уметник, дизајнер и архитект кој сака нешто да направи може да дојде на ова место и бесплатно да добие простор и услови тоа да го направи.

Нагласи дека во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ има простор и за дизајнирање, за производство, за изложби, за продажба и секако има кафетерија и други простории кои овозможуваат да се одвива едно нормално работење и да може луѓето да имаат добри услови.

Една постара идеја која се заговараше подолг период се вклопи со идејата на Министерството за култура за помагање на младите дизајнери, младите архитекти, младите уметници, им овозможи бесплатен простор. Многумина од нив тука произведуваат различни предмети, различен вид на стока, тука го изложуваат, тука го продаваат, тука разменуваат мислења, се дружат, се забавуваат и навистина претставува едно уникатно катче кое досега го немаше ниту во Скопје, ниту било каде во Република Македонија, рече Груевски.

Потенцира дека тоа може да биде добар пример и во други градови да се направи ваков чекор.

Просторот веќе извесен период функционира и тоа е успешно, има огромна посетеност и се радувам што онаа постара идеја која подолг период ја зборувавме, сега стана и реалност, додаде Груевски.