Се отвори ски сезоната во Маврово

Ски сезоната „Маврово 2015“ свечено беше отворена од страна на градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Мукрем Мехмеди, и директорот на Ски центарот „Заре Лазаревски“, Огњан Циговски. На настанот присуствуваа голем број на туристи-љубители на зимско рекреативните спортови.

Во следните три месеци настаните ќе понудат забава за сите генерации. Од денеска со купена една ски карта, корисниците добиваат уште една гратис со забава на Бачило и пред хотел „Лоџ“. На 10 и 11 јануари ќе има забава „48 часа“, како и концерт на отворено на 17 јануари.

World Snow Day ќе биде одбележан на 18 јануари со програма за деца со бесплатна ски карта за нив. Ден потоа е предвидена забава на Бачило.

За Алпскиот куп Скади 2015, скијачите од 5 до 15 години на 31 јануари до 2 февруари ќе уживаат на Маврово а од 13 до 16 февруари ќе се одржи Телемарк скијањето. Денот на виното и вљубените ќе се одржи на 14 февруари, додека од 20 до 21 февруари ќе го реализираат хуманитарниот велеслалом, а исто така традиционалниот Мавровски меморијал е на 28 февруари кој ќе трае до 1 март.

За сите припаднички на понежниот пол по повод 8 март денот на жените ќе ги изненадат со бесплатни ски карти и ќе организираат забава на Бачило и диско клубот Ратрак.

Градоначаликот Мукрем Мехмеди, истакна дека општината заедно со Ски центарот се подготвени да ги дочекаат туристите.

– Патиштата се проодни, имаме доволно ресурси за да ги пречекаме сите туристи. Сместувачките капацитети речиси се полни и очекуваме успешна зимска сезона – рече Мехмеди.

Исто така, сите посетители ќе имаат можност да ги користат попусти во хотелите „Алпина“, „Бистра“, „Лоџ“, „Спорт“, „Радика“, „Фершпед“ и ресторан Маврово, како и дополнителни услуги од страна на хотелите „Бистра“ и „Спорт“ со бесплатна опрема и часови за скијање за деца од 4 до 12 години.