Отворени избирачките места во Косово

Во Косово започнаа предвремените парламентарни избори, кои првпат се одржуваат на целата територија, вклучувајќи ги и четирите општини со српско мнозинство, во северниот дел на земјата.

Избирачките места се отворени во седум часот, а изборниот материјал во северно Косово рано утрово го донесоа претставниците на ОБСЕ, во придружба на специјалните припадници на полицијата на ЕУЛЕКС.

Право на глас имаат 1.782.454 бирачи, што е за околу 40.000 граѓани повеќе отколку што Косово има жители, според пописот спроведен во 2011 година, објавува Танјуг.

За 120 -те места во парламентот ќе се борат 30 политички субјекти, меѓу кои и пет српски.

Политичките партии за да имаат пратеници во парламентот треба да го минат цензусот од пет отсто, додека за коалициите цензусот изнесува седум проценти од бројот на гласачите кои го оствариле своето право.

Малцинските заедници имаат 20 загарантирани места, од кои 10 им припаѓаат на Србите, а останатите десет на другите национални заедници во Косово.

Предизборната кампања мина во сенката на тешката економска ситуација во земјата со инфлација од 35 проценти и невработеност кај младите од 55 отсто. Околу половината од населението во Косово од 1,8 милиони лица се сметаат за сиромашни, а 12 проценти живеат во исклучително голема сиромаштија, објавува хрватската агенција ХИНА.

Важно за овие избори ќе биде учеството на етничките Срби, кои живеат во северниот дел на земјата и кои се заканија дека ќе ги бојкотираат изборите. Владата на Србија ги повика сите жители на Косово да учествуваат во парламентарните избори, истакнувајќи дека е неопходно да бидат освоени што е можно повеќе пратенички места и тие да бидат во функција на формирање Сојуз на српски општини.

Иако српските власти не ја признаваат независноста на Косово, тие побараа од тамошната српска заедница да учествува во изборите за да се поддржи Бриселскиот договор за Косово од 2013 година, кој го олесни започнувањето на преговорите за членство на Србија во ЕУ, пренесува ХИНА.

Изборите ќе бидат тест и за премиерот Хашим Тачи, кој свика предвремени парламентарни избори, претходно најавени за ноември, откако српските членови во Парламентот го блокираа гласањето за формирање национална армија.

Истражувањето на јавното мислење покажува дека Демократската партија на Хашим Тачи веројатно повторно ќе победи на изборите. Најсилен противник на Тачи за функцијата премиер е лидерот на опозициската Демократски сојуз на Косово Иса Мустафа.

Изборите ќе ги следат повеќе од 2.000 домашни и странски набљудувачи, меѓу кои и набљудувачи од ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.