Отворени избирачките места во Украина

Избирачките местана првите вонредни парламентарни избори во Украина отворени утрово во осум часот по локално време.

За 450 места во парламентот се натпреваруваат 29 партии, но само за неколку од нив се очекува дека ќе го минат потребниот цензус за да добијат пратеничкото столче.

Распуштениот парламентарен состав работеше само две години. Во последните месеци дојде до длабока политичка и економска криза, па украинскиот претседател го распушти парламентот на 25 август, три месеци откако ја зајакна власта и еден месец откако се распадна провладината коалиција со повлекувањето на УДАР и Свобода од коалицијата.

Бирачките места се затвораат во 20 часот по локално време, а податоците за излезноста на јавноста веднаш ќе и бидат на располагање.

Гласањето нема да се одржи во 15 изборни окрузи во Доњецката и Луганската област на истокот на Украина, се наведува на Интернет страницата на Централната изборна комисија.

Шест избирачки места се отворени за Украинците кои престојуваат во Русија.

Најновите анкети покажуваат дека проевропскиот блок на Порошенко е во водство. Според истражувањето на јавното мислење само четири од 29 политички групи, колку што учествуваат во изборната трка со 3.114 кандидати на партиските листи, би можеле да го минат цензусот од пет отсто потребен за влез во 450-члената Врховна рада.

Партијата на Порошенко Солидарност, заедно со сојузничката партија УДАР предводена од поранешниот боксер Виталиј Кличко би можела да освои 20,5 отсто од гласовите, додека поддршката за Радикалната партија на Олег Лиашко скокна на 8,6 проценти од шест отсто, колку што изнесуваше пред еден месец. Наглиот пораст на поддршка за Радикалната партија ги загрозува шансите на поранешната премиерка Јулија Тимошенко да влезе во новиот состав на парламентот, која сега ужива поддршка од само 4,7 проценти, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Фондацијата за демократска иницијатива.

Партијата на регионите на Јанукович, која некогаш имаше најголем број пратеници, практично е згасната како политичка сила, а нивните сојузници – комунистите, најверојатно нема да имаат ниту еден претставник во парламентот, првпат од како Украина стекна независност во 1991 година.

Истражувањето покажа и дека 32 отсто од испитаниците се уште се неодлучни за кого ќе гласаат.

ЦИК очекува дека ќе бидат избрани 424 пратеници наместо 450, бидејќи е исклучена можноста за гласање во 14 дистрикти во источните региони Доњецк и Луганск.

Новиот парламент ќе има рок од еден месец да формира мнозинство, кое треба да ја оформи новата влада.