Отворени нови работни места во Општина Куманово

Општина Куманово ќе вработи 15 лица, од три групи – Роми, млади невработени, евидентирани најмалку шест месеци како невработени и родители на деца со пречки во развојот. Општината денеска го објави огласот на официјалната страница, објави МИА.
Вработувањето на овие ранливи категории невработени се спроведува преку проектот „Образование на Роми и на возрасни лица со интелектуална попреченост“. Проектот се спроведува во рамки на програмата општинско-корисна работа 2015 и е поддржан од Министертвото за труд и социјална политика, УНДП, Агенцијата за вработување на Република Македонија.
– Преку овој проект се овозможува социјално вклучување на невработени лица преку нивно ангажирање со скратено работно време од 20 работни часа неделно, со што тие ќе стекнат одредени вештини и постепено ќе се вклучат  на пазарот  на труд, изјави помошник раководителот во Секторот за социјална заштита и заштита на деца, Фросина Трајковска.
Со проектот, освен што ќе се овозможи вработување на овие ранливи категории невработени лица се овозможува и давање услуги кон корисниците на двата дневни центра за лица со интелектуална попреченост, како и за децата од ромската етничка заедница.
– Проектот ќе  овозможи вклучување на корисниците од дневните центри во процесот на образование и подобрување на квалитетот на живеење, додека за децата Роми полесно интегрирање во основните училишта, а за возрасните образование, објасни Трајковска.
На огласот се бараат професори по физичко и музичко образование со високо, но и со средно образование, професори по одделенска настава, дрворезачи.
– Сите овие  лица кои кои ќе бидат ангажирани ќе треба да пренесат и знаења од областа на уметноста, музиката, спортот, изјави Трајковска.
Огласот ќе трае до 27 мај годинава. По завршувањето на рокот, општинската комисија ќе спроведе интервју. Кандидатите кои ќе бидат изберени ќе бидат работно ангажирани од 1 јуни годинава. За вработените, предвиден е месечен надоместок од 6.200 денари со вклучен персонален данок и осигурување.
Општина Куманово и минатата година спроведе сличен проект.