Отворено 39-то издание на Млад отворен центар

Триесет и деветиот Инернацинален театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ) вчера беше официјално отворен во киното Фросина во Младинскиот културен центар.

На отворањето настапи театарот Ла МаМа од Њујорк кој ја изведе „Ла МаМа кантата“. Композитор и режисер е Елизабет Свадос, а диригент музичкиот режисер Крис Кукул. Перформансот  е посветен на Елен Стјуард, која во 1961 го основала театарот Ла МаМа – дом на движењето Оф-оф Бродвеј, во кој играле голем број креативци, а настапувал или соработувал со 70-ина земји во светот.

Претставата е дел од европска турнеја, ги посети Италија, Хрватска и Србија, а по настапот во Скопје ќе гостува во Турција.

На отворањето на фестивалот се обрати заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кој изрази надеж дека годинашното издание на МОТ ќе понуди богата културна програма.

– Би сакал да им упатам честитки на сите оние кои секоја година вградуваат еден дел од себе во овој фестивал, како и до сите оние коишто 39 години се дел од верната публика на МОТ. Сигурен сум  дека и ова издание, на сите нас ќе ни понуди многу творечки катарзи, рече Недељковиќ.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски истакна дека фестивалот секоја година поставува нови театарски граници, а со своето четири децениско постоење израснал во своевиден  бренд на  градот.

Директорот на МКЦ, Златко Стевковски изрази задоволство што годинава фестивалот се отвора со претставата „Ла Мама кантата“ бидејќи, како што рече, тоа било долгогодишна желба на организаторите.

Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура со 4,5 милиони денари и од Град Скопје со 1,5 милион денари.