Отворено писмо до скопјанецот Костовски

Ако имавте барем малку доблест и совест, ќе покажевте почит кон бројните Македонци, кои потекнуваат од егејскиот дел на Македонија.

Во емисијата „Клик плус“ на Телевизија 21 Вие се дрзнавте (а не бевте предизвикан со ништо), да судите за улогата на поединецот во актуелните тековни процеси во Република Македонија. Пред јавноста изговоривте: „Говорникот што денеска е на сите протести за зачувување на Македонија е Македонец, којшто потекнува од егејскиот дел на Македонија. Зошто не оди да ги брани правата на Македонците во Грција? Овдека каде што јас сум роден, на овие терени, со моите Албанци заедно, овдека ме доведоа на работ да јас немам соживот“.

Во заблуда сте! Борис Дамовски е само еден од двигателите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Но, тој не е сам. Знам дека ќе звучи болно за Вас, меѓутоа четворица од шестмината основачи, меѓу кои и јас, имаат потекло токму од егејскиот дел на Македонија. Имаме и велешанец и охриѓанец. И знаете што е нашиот кохезивен фактор? − МАКЕДОНИЈА и чистата македонска свест!

Ако имавте барем малку доблест и совест, ќе покажевте почит кон бројните Македонци, кои потекнуваат од егејскиот дел на Македонија. Сите тие имаат траурни периоди во своите животи, нешто што никому не му го посакувам. Поделбите на ваши и наши, на тукашни и тамошни, беа карактеристика на едно минато време, на времето во кое, моите предци и плејада други Македонци, беа нарекувани „Егејци“, „Егејчишта“, „Грчишта“. Ви значат ли нешто Вам Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков? Обајцата се родени во егејскиот дел на Македонија. Покрај нив има уште стотици светли ликови во македонската историја, кои потекнуваат токму од Беломорска Македонија. Но, ако започнам да ги набројувам, ќе учествувам во поделбата што ја истакнувате и што ја посакувате Вие, а ја наметнаа белградските слуги за да го копаат македонското национално ткиво одвнатре.

Единствено, самобендисаните медиокритети можат да судат за човек според неговото потекло. Зарем Македонец, роден во Европа, во Австралија или во Америка не смее да ја сака Македонија исто како Македонецот што е роден во Република Македонија? Од каде знаете Вие дали ние не им помагаме на Македонците од егејскиот дел на Македонија во борбата за да си ги остварат основните човекови права? Свесен ли сте дека Македонци од егејскиот дел на Македонија има во сите пори на општеството: во спорот, во културата, во уметноста, во политиката … ? Тие учествуваат во нашето минато, во нашата сегашност и во нашата иднина и никој, а најмалку Вие, не може да го спречи тој процес.

Знаете ли како се нарекува процесот кога себе си се ставате во супериорна позиција во однос на друг човек врз основа на неговото потекло? − Шовинизам!

Зарем мојот дедо, кој потекнува од егејскиот дел на Македонија, е помал Македонец од Вас, кој сте роден во вардарскиот дел на Македонија. Животните патишта ви се дијаметрално спротивни. Мојот дедо беше протеран од своето огниште (не по своја волја беше одведен во Чехословачка и во Полска) и кога стана врвен хирург и создаде семејство, одлучи да се врати во својата татковина за да ѝ се посвети целосно. Тој ги лечеше сите, без разлика на националната и на верската припадност. За него, оската околу која се движеше светот, беше човекот. Тој ме научи како вистински да го сакам секој човек, без оглед на: неговото потекло, неговата националност, вероисповед или капиталот што го поседува. Знаењето што го акумулираше тој во странство, го применуваше во Македонија. Мојот дедо, како и многумина Македонци од егејскиот дел од Македонија, кога се врати во татковината, беше иследуван во затворот Идризово, затоа што беше „премногу“ Македонец. Вие, за разлика од него, знаењето што го акумулиравте во Македонија, го применувавте во светот.

Вие можете да купите многу нешта, но чест никогаш. Историјата суди за улогата на поединецот во колективот и на нејзината вага го одредува местото на личноста: или ќе завршите на пиедесталот или на буништето. За пиедесталот е потребна доблест и чест, токму двата највозвишени сегменти од животот што Ви недостигаат Вам.

Вие имате државјанство на друга држава. Јас немам. Вие имате алтернатива, а таква не постои за мене. Верувајте дека алтернативните татковини се лажни татковини. Наутро, кога ќе станете и ќе се погледнете во огледалото, време е да излезете од Вашиот орвеловски микрокосмос, во кој се еднакви сите животни, само некои се поеднакви од другите.

Никој не сака Вас да Ве скара со Вашите соседи Албанци. Ниту еден од нас не е излезен на улиците за да шири неслога. Ние сме излезени единствено за да спречиме разнебитување на ова последно парче што преостана од Македонија. Ако го изгубиме и него, исчезнуваме засекогаш.

Нобеловецот Албер Ками запишал:

„Јас ѝ припаѓам на една истрајна нација, достојна за восхит, која, и покрај своите грешки и слабости, не ја напушта идејата на која се темели сета нејзина големина, и која, нејзиниот народ настојува секогаш, а елитата понекогаш, да ја обликува сè подобро и подобро… Оваа земја заслужува да ја сакам со тешка и комплексна љубов, каква што е мојата. И верувам дека сега вреди да се бориме за неа, бидејќи е достојна таа за таква возвишена љубов“.

Вие, скопјанецу Костовски, ѝ припаѓате токму на таа самопрогласена елита, која понекогаш се грижи за својот народ, но секогаш е подготвена за компромис, па макар и со ѓаволот, за да го зачува сопствениот капитал.

проф. д-р Теон Џинго, Македонец

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.