Отворено писмо на Арсовска Томовска до ОБСЕ/ОДИХР

Арсовска – Томовска во писмото нагласува дека целосно ги поддржува активностите насочени кон спречување на какви било изборни нерегуларности, но најостро е против злоупотребата на вработените во јавниот сектор за политички маркетинг. Воедно повикува на политичка сериозност и зрелост на сите вклучени во изборниот процес, а од ОБСЕ/ОДИХР бара објективно следење на целата состојба, како и објективно известување за изборниот процес, единствено врз основа на, како што вели, докази и факти.

– Во изминатиов период вработените во јавниот сектор се предмет на систематска и оркестрирана политичка злоупотреба од страна на политичари, носители на јавни функции, новинари и експерти. Преку дел од медиумите се врши политичко етикетирање на вработените, тие се нарекувани со погрдни зборови, „крлежи“, „штетници“, „корумпирана стока“, а институциите „штали“. Истовремено, претходно дадените изјави за бркање од работа „од хигиеничар до министер” се прави обид да се неутрализираат со новата изборна платформа на опозицијата – гордо дадени ветувања дека никој нема да биде избркан од работа, како тоа да е највисок политички дострел, посочува министерката во писмото.

Според неа, ова говори за фактот дека на вработените се гледа само како на „број на гласачи”, при што целосно се деградира и руши нивниот углед и достоинство, како нивната егзистенција да треба да зависи од нечија политичка милост, а не од оцената за квалитетот и од нивната работа.

Опозицијата, додава Арсовска – Томовска, континуирано обвинува за мешање на партијата со државата, а нивните претставници во институциите ги користат институционалните ресурси за партиски активности.

– Во простории на државни институции се држат прес-конференции на кои се промовираат партиски политики. Со партиски ресурси или од партиски спонзори се финансираат постери, летоци и веб страници на кои се става државен потпис и со кој се повикува на авторитетот на државни институции, постојано се надминуваат законските надлежности и овластувања и се припишуваат туѓи надлежности. Ова е во целосна спротивност со целта која требаше да се постигне со влезот на опозицијата во институциите, зашто наместо за организација на изборите, опозицијата ги користи институциите за нивно рушење одвнатре, а истовремено и за сопствена промоција, подвлекува министерката.

Од друга страна, стои во писмото, опозицијата посветено работи на создавање перцепција за постоење политички притисоци на вработените во јавниот сектор од страна на партијата на власт.

– Секојдневното држење прес-конференции на кои постојано се повикува да се пријават притисоци се заканува со кривични пријави, посетите на јавни институции и делењето на летоци и плакати за пријава на притисоци (кои не се одобрени ниту финансирани од јавни средства и чија содржина ги надминува законските надлежности на функциите кои ги извршуваат), неовластеното прибирање пријави (кои содржат лични податоци на граѓани, на приватна веб страница регистрирана на домашна адреса на опозициски функционер), како и јавно изнесените шпекулации за ослободување од работа на вработени во јавните институции заради нивно присуство на партиски настани (за кои нема докази ниту информации дека е поведена постапка), веќе создадоа перцепција во јавноста дека во јавниот сектор се вршат масовни притисоци, посочува Арсовска – Томовска.

Додека вели „држете го крадецот”, опозицијата, укажува министерката, во општините со кои раководи, во работно време ги користи вработените за снимање партиски спотови и за делење летоци за отворање партиски штабови, за што постојат сериозни индиции.

– Ваквата перцепција во јавноста дека во јавниот сектор се вршат масовни притисоци дополнително ја зајакнуваат невладините организации кои изнесуваат тврдења, но никогаш не доставуваат докази, ниту поведуваат соодветни постапки до надлежните органи за да се расчистат овие тврдења, што остава простор за злоупотреба на оваа тема. Она што исто така е зачудувачко е што невладините организации никогаш не ги забележуваат и јавно не ги изнесуваат случаите на партиски злоупотреби од опозицијата, дури и кога тие се евидентни, забележани од медиумите и документирани, забележува Арсовска – Томовска.

Факт е, вели, дека на две недели до завршување на изборната кампања и одржување на изборите, ниту една од институциите кои се надлежни за процесирање случаи за изборни притисоци и изборни нерегуларности (Јавното обвинителство и Државната изборна комисија), нема официјално информирано за пријавен случај на изборен притисок, уцена, или закана. Тоа не ја исклучува можноста во следниот период да се пријават изолирани случаи, за кои доколку ги има, треба веднаш да бидат процесуирани, што е од исклучителна важност за задоволување на правдата и одржување на кредибилноста на самиот процес.

– Евтиниот политички маркетинг и создавањето перцепција за изборни притисоци можеби некому денес ќе му донесе ситни политички поени, но утре може да го наруши кредибилитетот на изборниот процес и со тоа да нанесе огромна штета на државата, заклучува министерката во писмото до ОБСЕ/ОДИХР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.