Отворено полетилиштето за параглајдери од Мечкин Камен

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси свечено го отвори полетилиштето за параглајдинг Мечкин Камен – Исток во Општина Крушево. Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин, заедно со градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески, директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Кристијан Џамбазовски, претседателот на Воздухопловната Федерација на РМ, Владимир Бараков, и инструкторот по параглајдинг Златко Спиркоски, го отворија новоопременото полетилиште, кое сега располага со нова мини-метеоролошка станица, ветроказ, рампа за проверување на опрема за параглајдинг и информативна табла со корисни информации за полетилиштето и условите на него.

„Во последниов период, силно расте популарноста на активниот туризам. Сакаме да и помогнеме на Македонија да се поврзе со глобалниот пазар за активен туризам и да ги изгради капацитетите на услужните компании за активен туризам кои се активни во земјата,” – изјави Стаин.

Новата опрема која УСАИД ја донираше ќе им го олесни на пилотите планирањето и спроведувањето на летови, ќе им заштеди време, но и ќе охрабри поголем број на посетители да пробаат да летаат со параглајдер.

На настанот присуствуваа претставници од Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, претставници од Воздухопловната федерација на Македонија, од мобилниот оператор “One”, со чија донација мини-метеоролошките станици добија СИМ картички за емитување на податоците на интернет, како и инструктори и пилоти по параглајдинг.

По завршувањето на официјалниот дел од настанот, директорот Стаин и дел од присутните официјални лица и медиуми земаа учество во тандем-параглајдинг лет, како демонстрација на подобрените услови за летање на полетилиштето.

Во 2014, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси ќе опреми вкупно четири полетилишта за параглајдинг во Република Македонија со рампи за проверка на параглајдинг опремата, мини-метеоролошки станици, ветрокази и информативни табли. Овие активности се дел од иницијативата на Проектот за развивање на капацитетите на македонскиот туристички сектор за подобрување на пристапот кон глобалниот пазар на активен туризам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.