Македонија

Отворено повеќенаменско игралиште во Росоман

Отворено повеќенаменско игралиште во Росоман

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески заедно со заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски и градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов свечено го предадоа во употреба повеќенаменското игралиште во Росоман, кое претставува втора инвестиција на Агенцијата за млади и спорт откако пред три години беше изградено и  фудбалското игралиште од страна на АМС.

Povekenamensko igraliste Rosoman 2Повеќенаменското игралиште, кое е дел од владиниот проект за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава, е со површина од 1.300 метри и со димензии 45 x 28 метри квадратни. Истото има можност за играње кошарка, мал фудбал, ракомет, серва и други спортови. Покрај тоа ќе може да се користи и во вечерните часови бидејќи е осветлено со рефлектори.

Директорот Спасески на обраќањето, се осврна на инвестициите и вложувањата во спортот и во спортската инфраструктура.

– Секој успех во спортот нè мотивира да инвестираме, не само како во физичка активност, туку како начин на градење на позитивно однесување, создавање на посветени поединци, кои преку спортот можат да придонесат за општо добро во заедницата. Токму со изградбата на повеќенаменското игралиште во Росоман ние придонесуваме во развојот на спортот и општото добро  во заедницата, преку поттикнување на младите генерации активно да се занимаваат со спорт, потенцираше Спасески и им порача на младите активно да го трошат слободното време во спорт и рекреација.

– Верувам дека ова место ќе биде вистински дом на спортот и ќе претставува гордост на граѓаните на Росоман.  Искрено очекувам да биде исполнето од утринските до вечерните часови со млади кои своето слободно време ќе го користат натпреварувајќи се меѓусебе и учејќи ги вредностите на спортот, заврши Спасески.

Од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава, ова е 29-тото игралиште кое се предава во употреба, 20 игралишта се завршени и подготвени за свечено отворање, а уште 5 се во фаза на градба. Изградбата на повеќенаменското игралиште во Росоман изнесува околу 8 милиони денари.