„Ова е моја земја и подготвен сум да умрам за неа“: Македонскиот полицаец се прослави и во Грција (ВИДЕО)

Патриотската изјава на македонскиот полицаец кој што на група агресивни мигранти им порача „Ова е моја земја и подготвен сум да умрам за неа“, се прослави и во Грција, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Видеото  беше емитувано во рамките на една од најпопуларните грчки емисии “Во прво лице” на телевизијата Стар, а објавено е и на повеќе интернет портали. И додека грчките медиуми се обидуваат изјавата да ја претстават како “шокантна”, меѓу коментарите на Грците на социјалните мрежи доминираат симпатии за македонскиот полицаец. Голем број на грчки граѓани пишуваат дека соседната земја покажа како се бранат границите и суверенитетот, паралелно изразувајќи и незадоволство од политиката и активностите на владата на Сириза.

Под видеото од емисијата со наслов „Шокантниот дијалог на полицаец од Скопје со бегалец од Идомени“, дел од грчките граѓани коментираат:

„Очигледното искажано од страна на Скопје било шокантно ? Вие се шегувате ?“

„Ова не е новинарство, во новинарството нема коментари.“

„Додека овде се на сила „човекови права“, нашите патишта се блокирани !! Тој што си ја штити границата на својата земја е во грешка, а ние сме во право што дозволивме да не сомелат кучињата ?“

„Добро прават во Скопје. Браво за нив, затоа што народот треба да си ја брани татковината, а не како нашиве да седат и да гледаат како мигрантите ги блокираат патиштата и на грчките возачи им бараат документи за идентификација за да ги пуштат да го продолжат патот. Навистина се срамам.“

„Ова е разликата меѓу оние што си ја почитуваат татковината и оние кои што ги ставаат своите анархистички приоритети над она што се нарекува дом.“

„Скопјаните ни одржаа лекција“, „ Голем респект“, „Браво за ова силно момче“, „Многу убаво кажа полицаецот, браво за него“, се вели во останатите коментари.

Македонските власти го преземаа сето она што требаше да биде преземено од грчките институции, за да се спречи обидот за масовно влегување на наша територија, порача шефот на државата Ѓорге Иванов во интервју за грчката телевизија МЕГА, откако грчкиот државен врв и дел од грчките медиуми се впуштија во демонизирање на македонските безбедносни сили поради заштитата на граница, тврдејќи дека во Сехово односно Идомени наводно се случила „невидена бруталност“ врз лица кои што наводно „не претставувале“ закана и опасност. Претседателот Иванов порача наместо демарши, подобро ќе беше грчкото МНР да ја известеше македонската страна за намерите за нелегално минување подготвувано со денови.