Ова се најдобрите ресторани, гостилници и кафулиња во Скопје

За најдобри три ресторани во Скопје за годинава се избрани „Оливе“, „Лајт џез клуб“ и „Македонска куќа“, најдобри три гостилници се „Сношти минав“, „Кафана“ и „Скара бар“, а најдобри во категоријата кафе барови се „Рок Бар Круг“, „Mr. Jack“ и „Speakeasy“.

Изборот е направен врз основа на исклучителноста на угостителските услуги, уникатниот амбиент и специфичната приказна која ја креираат.

Плакетите на најдобрите денеска им ги врачи градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Овие проекти произлегуваат од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2017 година. Наша цел е преку овие настани да ја потенцираме важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност, како и да го подигнеме општото ниво на квалитет и на целокупниот амбиент во угостителските објекти во Градот, рече Шилегов.

Тој дополни дека се надева оти резултатите од ова истражување, врз основа на кое е направен изборот, ќе бидат земени во предвид од угостителите во градот и ќе резултираат со отстранување на недостатоците и подобрување на услугата во иднина.

Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ-Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека тоа било спроведено во периодот од 1 до 30 септември, годинава, за кафе баровите и од 1 до 31 октомври за рестораните и гостилниците.

Со него биле опфатени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Спроведени биле вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а во кафулињата имало 210 посети, секој угостителски објект бил посетен 3 пати.

Проектот „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите“ се спроведува по десети пат, а по вторпат се избираа и трите најдобри кафе барови на подрачјето на град Скопје.