Балкан

Ова се убијците на српскиот новинар Славко Чурувија

Ова се убијците на српскиот новинар Славко Чурувија

Обвинението против четворицата осомничени за убиство на Славко Чурувија, сопственик на „Дневен телеграф“ е напишано и идентитетот на убијците е познат.

Како што објавија српските медиуми, во обвинението се наведува дека Радомир Марковиќ (68), тогашен шеф на ресорот Државна безбедност директно ја наредил ликвидацијата, Милан Радоњиќ (54), тогашен началник на белградскиот центар на ДБ го организирал злосторството, Ратко Ромиќ (51), тогашен оперативец во ДБ го помагал извршувањето на убиството, додека Мирослав Курак Мики (43), некогашен припадник на посебната служба за обезбедување во ДБ, е обвинет како директен извршител на убиството.

Чурувија е убиен на 11 април 1999 година, на Велигден, во влезот од зградата во која живеел во Белград. Речиси 15 години по злосторството, напишано е обвинението од Специјалното обвинителство за организиран криминал и ќе биде обелоденето за неколку дена.

Чурувија требало да биде убиен на 10-ти април, но егзекуцијата била направена ден подоцна бидејќи операторката во ДБ задолжена за слушување и собирање информации од оперативците на терен не им јавила на извршителите на убиството кога Чурувија тој ден треба да пристигне дома.