Оваа година 35 странски компании ќе инвестираат во Македонија

Нови странски инвеститори се во преговори со македонските власти за влез во земјава. Со дел, преговорите се во напредна фаза, дел чекаат да ги објават своите финални одлуки. Во игра се компании од повеќе сектори, крупни играчи во светската економија, пишува Лидер.

-Во 2016-та, најмалку 35 нови компании ќе донесат одлуки за инвестирање и ќе ги објават. Со голем број компании сме во понапредна фаза на преговори. Позитивниот тренд во економијата, особено на полето на инвестициите, ќе продолжи и во 2016-та, за кога е проектиран раст на БДП од 4 проценти и натамошно намалување на невработеноста, вели премиерот Никола Груевски.

Во очекување на имињата на новите странски инвеститори, Лидер прави преглед на најважните инвестиции во земјава, анализирано по повеќе сегменти.

„Џонсон Мети“ ја промени извозната карта на Македонија

Британската компанија „Џонсон Мети“ е можеби најзначајниот странски инвеститор за Република Македонија. Британците досега имаат вложено над 140 милиони евра во земјава, вработуваат околу 600 луѓе, а по нивниот влез во Македонија целосно ја променија извозната карта на нашата држава. Велика Британија се позиционираше во топ 3 најголеми трговски партнери на Македонија, со вкупен обем на размена од 622 милиона долари во периодот јануари – ноември 2015 година. Сега, во извозот на земјава е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, а во увозот најзастапени се платината и легурите од платина, коишто претставуваат импут во производството на Британците. Паралелно, оваа компанија сè почесто ја форсира соработката со домашните компании.

-На почетокот беше предизвик домашните компании да ги запознаат нашите потреби, каков квалитет на производ бараме, цената, испораката. Се соочувавме со многу ветувања кои не беа испорачани навреме. Но, со тек на време развивме база на локални добавувачи кои успеаја да ги спојат квалитетот и цената, и сега тие се подобри од компаниите однадвор, особено споредено со оние од Европа и од САД“ – вели првиот човек на компанијата во земјава, Џатин Такрар.

Дополнително, соработката со „Џонсон Мети“ ги отвори вратите за домашните компании за раст и развој во светски рамки.

„Во случајот на „Џонсон Мети“, две домашни компании прераснаа во добавувачи на опрема на глобално ниво“ – вели директорот на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Од друга страна, „Џонсон Мети“ е единствената компанија од Македонија којашто се најде на листата „Топ 500 компании во централна Европа“ во последната листа на Дилојт, со остварени вкупни приходи од продажба во износ од 927,5 милиони евра во 2014-та.

„Џонсон Мети“ ја селектираше Македонија како дестинација за својата европска мега – фабрика во конкуренција на 13 земји, за потоа да донесе одлука да го прошири производството со нова инвестиција. Во светски рамки оваа компанија оперира во над 30 земји во светот и ангажира околу 13 илјади работници.

„Ван Хол“ повлече отворање на нова фабрика во Македонија

Во листата на Лидер за најдобрите странски инвеститори влезе и белгиски „Ван Хол“, компанијата којашто повторно во земјава ја врати индустријата за производство на автобуси. Инвестицијата се проценува на околу 30 милиони евра, со проектирани 600 вработувања.

-Ни се допаѓа владиниот пристап кон бизнисот. Имаме директна комуникација со надлежните и кога постои одреден проблем, тој веднаш се решава. Бизнис – климата е многу позитивна. Веќе работиме со полн капацитет, а стартувавме и нова инвестициска програма, па планираме и во иднина да вложуваме во Македонија. Во меѓувреме, убедивме и други белгиски компании да дојдат во Македонија, а некои од нив веќе одлучија да инвестираат. Имаме ист менталитет и ми се допаѓа што во Македонија има квалификувани работници, вели Филип Ван Хол, сопственикот на белгиската фабрика за производство и за извоз на автобуси.

Дополнително, партнерство со „Ван Хол“ на домашната „Актива“ резултираше со изградба на нова фабрика во Штип.

-Фабриката доби нови нарачки за потребите на „Ван Хол“, за нивните фабрики во Скопје и во Белгија, се збогативме со нововработени млади луѓе и стручен кадар, вели директорот на „Актива“, Иле Николов.

-Интензитетот на оваа соработка резултираше со потреба од нов погон, отворање нови работни места, што значи дека не само странските инвестиции отвораат нови работни места, туку работни места се отвораат и од домашните компании, како резултат на соработката со странците, вели вицепремиерот Пешевски.

„Ван Хол“ е семејна компанија формирана во 1947 година, со над 4.500 вработени и годишен обрт од околу 450 милиони евра. Автобусите на „Ван Хол“, произведени во Бунарџик, се возат и во Дизниленд, Фејсбук, Мајкрософт, Гугл.

„Џонсон Котролс“ – најголем работодавец во слободните зони

Во слободните економски зони, каде важат посебни правила и даночни олеснувања, најголем работодавач е американски „Џонсон Контролс“. Оваа компанија само во зоната во Штип креираше околу 1.600 работни места. Откако оваа приказна се покажа како успешна, „Џонсон Контролс“ донесе одлука да отвори нова фабрика во Струмица. Инвестицијата од 20 милиони долари треба да отвори уште 1.500 работни места. Се стартува со браунфилд вложување за подоцна да се влезе во новиот погон.

„Ние се соочуваме со капацитетски предизвици во Европа, а по спроведените истражувања на пазарот, донесовме одлука повторно да инвестираме во Македонија“ – вели директорот на компанијата, Вили ван Лои.

„Дрекселмајер“ – најголем странски работодавач

Германски „Дрекселмајер“ е на листата на Лидер, бидејќи компанијата воопшто претставува најголем странски работодавач во Македонија, со околу 6 илјади вработени.

-Дрекселмајер е најголем работодавач во државава, вклучувајќи ги и домашните фирми. Компанијата е многу горда на постигнатиот успех во Македонија. Вработуваме високостручни кадри, инженери, економисти, правници, вработени со средна стручна подготовка, вели директорот Ѓорѓи Тренковски.

Инвестицијата на „Дрекселмајер“ изнесува 35 милиони евра.

2016-та се очекува да биде рекордна година!

2016-та се очекува да биде рекордна година во однос на странските инвестиции во земјава. Само од слободните економски зони да биде креиран извоз од над 1,5 милијарда евра, но инвестициите се дисперзираат низ целата земја. „Маркард“ активно работи во Велес, за овој град е најавена уште една инвестиција, американски „Делфај“ донесе одлука да вложи 15 милиони евра во Бунарџик и да отвори 500 работни места, „КСС“ и „ОДВ Електрик“ се префрлаат во новите погони во Кичево и во Охрид и вкупно ќе креираат 2 илјади работни места, „Гентерм“ ја финишира изградбата на погоните во Прилеп, „Костал“ во орхидско – струшката зона вложува 50 милиони евра и отвора уште илјада работни места, американски „Леар“ во Тетово отвора до 3 илјади работни места, а „Кондево“ се реши за Штип.

Годинава во Бунарџик влегуваат и две домашни компании: „Хајтек“ и „Технопласт“. Вкупно треба да отворат 500 работни места.

-Ова претставува надградба на нашиот производ со новододадена вредност, со што ќе овозможивме поголем извоз од земјава и повеќе вработувања, вели првиот човек на „Хајтек“, Саво Станковиќ.