Оваа година ќе се изградат и реконструираат 15 градинки

За оваа година се планира изградба, реконструкција и адаптирање на 15 градинки, најави денеска премиерот Никола Груевски, кој нагласи дека во текот на минатата година, па се’ до јануари, се изградени и реконструирани вкупно 16 градинки.

„Ние подготвивме еден проект за градба, реконструкција и адаптации на градинки и во 2013 и во првиот месец од 2014 се изградени, адаптирани и реконструирани вкупно 16 градинки. Осум нови се пред сам почеток на градба или на адаптација или на реконструкција, а седум други се планираат во средината или во втората половина на оваа година да започнат и веројатно за неколку месеци ќе завршат“, рече Груевски, истакнувајќи дека секоја година се оди со таква динамика.

Овој сегмент поврзан со градинките, според Груевски, бил прилично запоставен ретко можело да се забележи нова или пак адаптирана и реконструирана градинка.

„Конечно пред неколку години со фокусирање на Владата на оваа значајна сфера, во одгледувањето и чувањето на децата и нивно растење во една здрава средина, каде ќе имаат сериозна социјализација, ќе научат многу работи, ќе престојуваат во безбедни и здрави услови“, потенцираше Груевски.