И оваа учебна година советувања на родители

Во училиштата и годинава ќе продолжат индивидуалните или групни советувања на родители чии деца (ученици) се однесуваат несоодветно и асоцијално, не посетуваат редовно настава или имаат намален успех во учењето.  За проектот, кој се спроведува пет години, законски се обврзани стручните психолошко-педагошки служби во основните и во средните училишта.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека во периодот откога е воведен проектот, реализирани се речиси 70.000 советувања од кои над половината се советувања на родители на средношколци.

Во многу случаи има повторувања, односно ист родител неколкупати бил повикуван на советување. Најчеста причина поради која се спроведувале советувањата е намалениот успех во учењето. По овој основ се реализирани 42.000 советувања. Само во учебната 2015/2016 година се спроведени вкупно 15.111 советувања, од кои 8.447 по основ на намален успех во учењето, 5.798 за нередовно посетување настава, 708 поради несоодветно однесување на учениците, рече Ристовски.

Лани имало 98 случаи во кои родителот не дошол на поканата. Во најголем број од случаите се работи за дисфункционални семејсва и тие се предадени на матичните центри за социјална работа.

Ристовски посочи дека во меѓувреме кадровски се зајакнуваат училишните психолошко-педагошки служби кои се задолжени за советувањата.

Во изминатите три години ангажиравме 105 психолози и 13 педагози во училиштата каде претходно не беа ангажирани или, пак, нивниот број не беше соодветен на бројот на ученици, рече заменик-министерот.

Нагласи дека стручните служби се доекипират и со дефектолози за да им се излезе во пресрет и на учениците со посебни обрзовни потреби.

До почетокот на новата учебна година ќе бидат ангажирани 131 дефектолог. За 75 дефектолози, од кои 55 во основните и 20 во средните училишта, постапката е веќе завршена. Очекувам во најскоро време општините да ја завршат постапката за ангажирање и на останатите 56 дефектолози, додаде Ристовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.