Овации за Дино Имери и оркестарот на Македонската филхармонија

Со овации и долги аплаузи беа поздравени македонскиот истакнат пијанист Дино Имери, оркестарот и маестро Борјан Цанев, по синоќешниот концерт со кој свечено почна новата концертна сезона на Македонската филхармонија. „Нов почеток“ беше насловот на концертот на кој прозвучеа еден од најпознатите концерти за пијано, Концертот во бе-мол од Петар Илич Чајковски, во кој солистот Дино Имери ја изрази својата виртуозност, како и симфониската поема „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп. 28 од Рихард Штраус.

Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, ја поздрави многубројната публика со зборовите: „Ви ветуваме незаборавни ѕвездени мигови од традицијата на светските и македонските композиторски пера, па се до современите нотни записи. Од концерти во изведба на комплетниот филхармониски состав во оваа голема сала, до мини средби со нашите инструменталисти на малата камерна сцена. Ви ветуваме големи, славни имиња кои ќе блескаат на сцената, и кои ќе бидат уште една потврда на реномето на нашиот оркестар, но и дружење со млади талентирани надежи кои најавуваат широк уметнички спектар“

В.д. директорот на Филхармонија, Виктор Илиески
В.д. директорот на Филхармонија, Виктор Илиески

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.