Овца го запре возот Белград-Скопје

Драматична ситуација се одиграла на пругата кај Врање вчера попладне. Меѓународниот воз број 337 на линија Белград-Скопје, речиси еден и пол час чекал на пругата кај Врање, бидејќи сопственикот на овцата во која удрила локомотивата не сакал да се тргне од шините додека не му се надомести штетата.

– На шините се наоѓаше овца. Машиновозачот упорно се трудеше, но таа не се помести. Бидејќи локомотивата удри во животното, возот застана но не можеше да продолжи бидејќи сопственикот на овцата истрча на шините и бараше да му се надомести штетата. Наводно, од машиновозачот барал 100 евра или „нема да може да помине понатаму“, откриваат патниците за српските медиуми.

Некои од патниците му предложиле на машиновозачот да му плати на сопственикот на овцата половина од сумата, само за да продолжат по патот, но тој одбивал сметајќи дека не е негова грешка што овцата се нашла на шините. Бидејќи сопственикот не сакал да се помести од пругата, машиновозачот повикал полиција.

Директорот на српската железница Ненад Станисавлјевиќ за српски „Блиц“ потврдил дека на лице место излегла комисија на железницата, полиција и истражен судиија, и дека по увидот, возот продолжил кон Скопје во 17:30 часот.

Клучно прашање е од каде овца на пругата ако се знае дека возот има предност во однос на сите возила и пешаци? Излегоа и истражен судија, полиција и наша комисија за вонредни случаи, а од извештајот кој ќе пристигне ќе се утврди каков став ќе заземеме по ова прашање, рекол Станисавлјевиќ за „Блиц“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.