Овци изеле марихуана вредна 4 илјади фунти

Стадо овци во Велика Британија изеле неколку вреќи со марихуана, кои некој ги фрлил во полето на кое паселе животните, пишува лондонскиот весник „Телеграф“.

Весникот истакнува дека инцидентот е откриен кога сопственичката на стадото забележала дека животните неконтролирано трчаат наоколу.

Настанот се случил на една фарма во Сари, во југоисточна Англија.

Полицијата на шега соопштила дека нема да поднесува пријава против овците поради „илегален оброк“, но оти ќе покрене истрага за да ги открие лицата, кои ја фрлиле марихуаната, чија вредност е проценета на четири илјади фунти.

– Нивното пронаоѓање нема да биде лесно, бидејќи овците го изеле речиси целиот доказен материјал, нагласи полицијата.

– Моите овци се мошне љубопитни, така што не оддолеале да го пробаат новиот вид на трева, изјави сопственичката на фармата, Нели Бад.