Совладана и Црна Гора, Македонија се пласираше во втората фаза

Ракометарите на Македонија во второто коло од Групата Ц во понеделникот вечерта во Загреб извојуваа уште една тесна но заслужена победа, овојпат над Црна Гора со 29:28 (15:16), и со освоените четири бода од двата натпревара веќе се квалификуваше во следната фаза од Европското првенство која ќе се игра во Вараждин.

Македонските ракометари го започнаа дуелот очекувано одржувајќи водство од два гола предност (2:0 и 4:2), но Црногорците потоа направија серија од 6:1 со кој Македонија првпат беше во негатива од три гола (5:8). На десет минути пред крајот на полувремето Македонија поведе со 11:10, а откако беше исклучен Јоновски, Црна Гора ја искористи за водство од 14:13 кое го задржа до крајот на првиот дел (16:15), користејќи ги двете исклучувања на македонските играчи.

Вториот дел продолжи со водство на Црна Гора којашто го одржа до 19:17, по што следеше серија од 4:0 на Македонија за преземање на предноста од 21:19. На дванаесеттина минути пред крајот македонската селекција дојде до најголемото водство од четири голови (24:20). Следуваше пад во играта на македонските играчи, што го искористи противникот за на пет минути до крајот да намали само на гол предност (27:26), но Црна Гора направи грешка во нападот а поентираше во контра Миркуловски за водство 28:26.

Црногорците намалија на 28:27, а потоа во одбраната тргна со „фластер“ на Кире Лазаров. Кузмановски презеде одговорност и тргна на шут, но беше брутално фаулиран од Вуковиќ кој заработи притоа црвен картон. Потоа погоди Филип Лазаров, но потоа Манасков направи непотребен прекршок за исклучување, а Борко Ристовски со извонредна интервенција се истакна во еден клучните напади на Црна Гора за конечнитр 29:28.

Филип Кузмановски со пет гола беше најефикасен на натпреварот, Миркуловски и Лазаров постигнаа по четири, три реализираше Филип Лазаров. Во составот на Црна Гора Чавор запиша шест гола, Вујовиќ имаше пет.