Ожие со победа ја запечати титулата

Себастиен Ожие со победа на Рели Шпанија ја одбрани минатогодишната титула кај возачите. Ожие, кој пристигна во Шпанија со предност од 27 поени во генералниот пласман кај возачите, требаше да освои само еден поен повеќе од неговиот тимски колега и најголем ривал во шампионатот, Јари-Мати Латвала за да ја осигура титулата кај возачите. На крајот освои и повеќе од доволно, односно ја освои титулата со седма победа за него во сезоната.

„Пресреќен сум… Ова беше фантастичен викенд. Беше доста тешко бидејќи притискав со цела сила во првиот ден после што следеа два дена на асфалт, каде морав да се пазам од Јари-Мати. Морав паметно да калкулирам и да пазам на него цело време. Автомобилот се покажа фантастично целиот викенд… Огромна благодарност до мојот тим Volkswagen што ми пружија фантастичен автомобил. Сепак, ова беше целта на почетокот од оваа сезона и се случи тоа што највеќе го посакував.“ – изјави Ожие.

Веднаш позади шампионот заврши Јари-Мати Латвала, а на третата позиција на подиумот се најде Мико Хирвонен, додека топ петте ги комплетираа Мадс Остберг и Дани Сордо.