Ознаката „Made in China“ е светска измама

Кинеските текстилни компании се’ повеќе користат фабрики надвор од границите на својата држава, за да ја искористат ефтината работна сила и да заработат повеќе, на ист начин како што тоа го прави развиениот Запад со Кина.

Но, тие го мамат пазарот, бидејќи на текстилните производи ја ставаат веќе светски препознатливата ознака „Made in China“, а происводите всушност наместо во Кина ги произведуваат работници во Северна Кореја, објавува новинската агенција „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Кинезите се’ повеќе ги користат фабриките, трговците и компаниите во пограничниот град Дандонг, а потоа стоките произведени таму, низ светските пазари ги пласираат како свои. Со користењето на Северна Кореја за производство на поефтина облека, се покажува дека и покрај санкциите на Обединетите нации, наметнати на таа земја, Ким Јонг Ун, сепак успева да се снајде со помош на „пријатели“. Имено, санкциите спроведени поради севернокорејската нуклеарна програма, не се однесуваат на извозот на текстил.

Се’ за пари

Примаме нарачки од целиот свет, открил еден корејско-кинески бизнисмен од Дандонг, град кој се наоѓа на границата меѓу двете земји, а низ кој се одвива најголемиот дел од трговијата на Северна Кореја.

Како и многумината тамошни, тој побрал анонимност, поради чувствителноста на целата работа. Во Дандонг се активни дваесетина агенти, кои се всушност посредници меѓу кинеските добавувачи и купците од САД, Европа, Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Русија.

„Честопати крајниот купец не знае дека стоката се изработува во Северна Кореја, рекол бизнисменот.

Тесктилот е втората најголема ставка во извозот на Северна Кореја, по јагленот и други руди, а заработката, за 2016 година, изнесува околу 752 милиони американски долари. Со последниот пакет снакции на ООН, во целост се забранува извоз на јаглен, па Северна Кореја мора да се снаоѓа, а очигледно е како се потпира на Кина за својот економски опстанок.

Кинескиот извоз се зголемил за 30 отсто, односно 1,67 милијарди американски долари во првата половина од годинава, а за најголем дел станува збор за ткаенини и останати суровини, од кои во Северна Кореја се прави готов производ, подготвен за пазарот.

Австралискиот спортски бренд „Rip Curl“ јавно се извини минатата година кога беше обелоденето дека нивната опрема за скијање, со ознаки „Made in China“, е всушност произведена во Северна Кореја.

„Rip Curl“ го обвини добавувачот на својата опрема за „outsourcing“ преку неовластен кооперант. Но, трговците и агентите во Дандонг велат дека тоа ешироко распространета пракса. Производителите можат да заштедат и до 75 отсто со изработка на својата облека во фабриките во Северна Кореја, открива кинески трговец. Готовите текстилни производи најчесто директно се праќаат во кинеските пристаништа, каде само се препакува и праќа понатаму.

Максимално експлоатирање на работниците 

Текстилното производство во Северна Кореја било високо развиено во седумдесеттите години од минатиот век, кога првите холандски компании почнале да тргуваат со оваа комунистичка земја. Иако потоа се случил пад на производството, во изминативе неколку години, сепак почнала потвроно да расте. Месечната плата на севернокорејскиот работник во текстилната индустрија изнесува околу осумдесет американски долари. Тоа значи дека производството е дури 30 отсто поефтино отколку во Кина. Покрај тоа, севернокорејските работници дневно произведуваат и 30 отсто повеќе отколку кинеските.

Причината за тоа лежи во експлоатацијата. Во фабриките во Северна Кореја, работниците не одат во тоалет, за да не го забават производтствениот процес. Постојат пропишани паузи, кои сите мора да ги почитуваат.

Дополнителна причина поради која севернокорејските работници се попродуктивни е и нивното уверување дека они работат за унапредување на својата држава, а не само за плата. Тие веруваат дека работат за својот лидер и за подобро утре, иако се најслабо платени во споредба со земјите од нивната околина. На пример, во Северна Кореја минималната месечна плата е 75 американски долари, а просечната 160 долари. Во Кина, пак, просечната месечна плата се движи од 450 до 750 долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.