Пациент уби хирург на улица во Краљево

Познат хирург од Краљево, Србија, починал откако денеска утро непознат маж пукал во него, објави српската Б92.
Во 66-годишниот хирург Слободан Лукиќ биле испукани повеќе куршуми од човек, чиј идентитет се уште не е утврден. Убиецот веднаш по ранувањето на хирургот се обидел да се самоубие, но бил спречен од случајни минувачи.
Радио телевизија Србија објави дека напаѓачот бил поранешен пациент на хирургот кој наверојатно бил незадоволен од лекувањето.

Според зборови на еден од очевидците, маж со патерици му пришол на Лукиќ и директно пукал во него додека тој стоел пред една продавница.

„Видов еден човек со патерици како му се приближува на еден маж непосредно покрај мене и од пиштол пука во друг човек, кој по два истрелани куршуми се уште се држеше на нозе, а потоа падна, а човекот со пиштол и покрај тоа продолжи да пука во него, испалувајќи уште пет до шест куршуми“, вели сведок кој сакал да остане анонимен за новинската агенција Бета.

Очевидецот додал дека потоа напаѓачот ладнокрвно ја преминал улицата упатувајќи се кон пазарот во Краљево и се обидел да си пука во глава, но минувачи го спречиле.

Докторот по нападот веднаш бил префрлен во Здравствениот центар Студеница каде подоцна починал.
„Се обидовме со се’. Реанимацијата траеше околу два часа, но не успеавме да го спасивме“, вели за Танјуг, Звонко Веселиновиќ.

Портпаролката на Полициската управата во Краљево, Кристина Николиќ за Танјуг вели дека увидот на местото на убиството е во тек.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.