Пад на економијата поради неповолната политичка состојба

Неповолната политичка ситуација во земјава удри по економијата. Статистиката покажа пад на извозот и увозот за првите четири месеци од годинава. Во периодот од јануари до април годинава, трговската размена изнесува 3,3 милијарди долари, додека увозот во овој период бележи пад 4,2 отсто, а извозот 1,4 отсто, пишува Лидер.

Откажани странски нарачки, резервираност околу реализацијата на новите деловни потфати, помалку странски инвестиции и нови работни места, намалена потрошувачка. Политичката криза сериозно му се заканува на бизнисот, а дел од компаниите веќе имаат директни штети. Ако во истиот период минатата година, извозот рапидно растеше и достигнуваше стапки од над 20%, оваа година неповолната политичка ситуација си го зема својот данок.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вредноста на извозот на стоки и услуги во првите четири месеци година, во споредба со истиот период од минатата година е намален за 11,4%, додека, додека споредено по месеци, април 2015-та и април 2014-та, се забележува остар пад од 24,1%.

Истовремено, пад се забележува и кај увозот. За четирите месеци од оваа година, во споредба со истиот период лани, увозот се намалил за 14,2%, додека само во април, паднал за 15,3%. И вкупниот обем на трговска размена забележува остар пад. За четири месеци во споредба со лани, размената со странство е намалена за 13,1%, додека само во април годинава, во споредба со истиот месец лани падот изнесува 18,8%.

Експертите велат- штетите веќе се видливи, но ако ваквата ситуација во земјата потрае, негативните последици по економијата ќе бидат уште подлабоки. Истовремено предупредуваат дека проектираниот раст од 4,1%, кој пак е највисок во регионот и меѓу највисоките во Европа, ќе биде тешко остварлив. Според Народната банка, пролонгирањето на политичката состојба би довело до негативни ефекти во производството, инвестициите, побарувачката, банкарскиот сектор, што пак, би ја загрозило макроекономската стабилност, за што државата ќе треба да донесе нови мерки.

Извозот од слободните зони непрекинато расте

И покрај тоа што странските инвеститори сериозно се загрижени за ситуацијата во земјата, истата засега не влијае врз нивното производство. Тие бараат стабилност, бидејќи таа е битна за идните инвестиции на постојните странски компании, но и на оние кои се пред донесување одлука за вложување во земјава.

„Странските компании кои веќе работат во Македонија, не се под влијание на политичката криза. Сите производствени процеси, профитите и продажбата на производите не е засегната од политичката криза. Се разбира дека тековната политичка ситуација предизвикува загриженост за идните инвестиции во земјава, меѓутоа јас искрено се надевам дека наскоро ќе се реши ова прашање“, изјави Хуан Педро Наваро, претседател на Советот за странски инвеститори.

Во првите пет месеци од годинава извозот од слободните зони порасна за 25% во споредба со истиот период од минатата година. Станува збор за извоз вреден 553 милиони евра, а само во мај, извозот од зоните изнесува 120 милиони евра.

„Ова е показател дека владините политики се правилно насочени и оти треба дополнително да се зајакнуваат во тој правец. Фокусот треба да остане токму на решавањето на проблемот со невработеноста и на привлекувањето странски инвестиции, но и на натамошното подобрување на бизнис- климата. Во тој правец треба да се превенираат и елиминираат сите обиди за создавање политички кризи или што било што би ги одвратило инвеститорите“, смета премиерот Груевски.

Дека бизнис климата во земјава е погодна за инвеститорите, покажува и фактот што пет странски инвеститори почнуваат со изградба на новите фабрики- гринфилд капацитети во индустриските зони и уште толку странски инвеститори почнуваат со работа во браунфилд закупените простории, што значи оотворање на нови работни места и нови вработувања.