Пад на размената со странството во првиот месец од годината

Стоковната размена на Република Македонија со странство во јануари годинава изнесува 694.140 илјади американски долари и бележи намалување од 8,6 отсто во однос на првиот месец од минатата година, објави Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во јануари 2016 година, изнесува 309.706 илјади американски долари и бележи пад од 7,9 отсто, а вкупната вредност на увeзената стока изнесува 384.434 илјади долари, што е за 9,1 отсто.

Трговскиот дефицит, во јануари 2016 година, изнесува 74.727 илјади долари, што претставува намалување за 14 отсто во однос на тој период од минатата година.

Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2016, изнесува 80,6 отсто.

Од Македонија најмногу се извезувале катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.