Падна и Висла Плок – кој е следен ?!

Она што уште во првото полувреме беше најавено, се оствари – Вардар втора година по ред успеа да избори пласман во 1/4 финалето во ракометната Лига на шампиони.

Иако полскиот тим допатува во Скопје со 6 гола предност (32:26), тоа за „црвено-црните“ не беше никаква пречка бидејќи понесени од френетичната публика во арената „Јане Сандански“, буквално ја „разнесоа“ Висла, победувајќи ја со 11 гола разлика, односно со конечни 31:20.

Почетокот на натпреварот беше изедначен, најчесто со нерешен резултат или минимална предност за нашиот тим. Сепак во вториот дел од првото полувреме Вардар почна да се одлепува, а најзаслужни за тоа беа Сергеј Горбок кој постигна 7 погодоци во првите 30 минути и Арпад Штербик кој со неколку феноменални интервенции ги откажуваше полските ракометари. Вардар на пауза замина со предност од 4 гола (14:10).

Со почетокот на второто полувреме, „црвено-црните“ навестија дека тоа ќе биде и почеток на крајот за Висла во Лигата на шампионите. Штербик со неколку бравурозни одбрани продолжи да ги фрустрира гостите, а неговите одбрани беа наградени од Алекс Душебаев, кој продолжи онаму каде што застана Горбок во првото полувреме. Шпанскиот репрезентативец постигна 7 погодоци во вторите 30 минути, со што им ја запечати судбината на ракометарите на Висла.

На крајот најефикасен во Вардар беше токму Душебаев со 9 погодоци, Горбок постигна 8, а Штербик на голот имаше 14 интервенции. Константен во текот на целиот меч беше и Игор Карачиќ кој постигна 7 погодоци, а „шлаг“ на прекрасната вечер стави Стојанче Стоилов со 3 погодоци во самиот финиш од натпреварот.

Веднаш по натпреварот, токму „шлагерот“ на вечерта ја почасти јавноста со едно селфи.

foto-na-denot-stole-1

Сега „црвено-црните“, а и целата македонска јавност заслужено ќе се радува и ќе ужива во оваа голема победа, чекајќи го во деновите што следуваат наредниот противник, кој ќе биде еден од европските ракометни гиганти – Барселона, Веспрем, Кил или Кјелце.

Најмалку е важно кој ќе биде следниот противник, бидејќи со ваква публика, Вардар и тоа како е способен да избори пласман на „фајнл фор“ турнирот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.