Падна одлука: Пратениците од СДСМ биле неоправдано отсутни

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања на денешната седница на предлог на нејзиниот претседател Александар Николовски реши да му достави на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски Предлог-одлука за одземање на мандатите на пратениците од опозицијата.

Врз основа на Извештајот доставен до оваа Комисија е утврдено дека во периодот од 10 мај до 10 ноември, 31 пратеник од опозициската СДСМ не присуствувале, не учествувале, ниту, пак, го известиле претседателот на Собранието дека оправдано ќе отсуствуваат од 40 седници.

Николовски рече дека овие 31 пратеник од СДСМ и коалицијата неоправдано отсуствувале повеќе од шест месеци од работата на Парламентот и врз основа на Деловникот и Уставот, побарано е од Комисијата да се изјасни.

Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања поединечно го констатира отсуството на секој од овие 31 пратеник и поединечно носи предлог-одлука.

Пратеникот Зоран Илиески од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека пратениците од СДСМ покажаа дека воопшто не се грижат за обврските што ги имаат додека правата што им следуваат со мандатот што го добија многу добро го користат.

– Ако навистина сакаа да поднесат оставки можеа комотно да дојдат на правата седница лично, никој не може да ги спречи, да си побараа збор, да излезат на говорница и да речат јас тој и тој поднесувам оставка и да си заминат, изјави Илиески.

ДУИ, преку пратеникот Артан Груби, ги повика пратениците од опозицијата да го искористат периодот до пленарната седница и да се вратат во Собранието.

– И во овој случај мислам дека тие треба да се вратат во Собранието до пленарната седница, кога дефинитивно ќе се донесе одлука за нивниот мандат. Отворена е вратата на ДУИ кај која ќе најдат на партнер за сите конструктивни политики и понуди за доброто на граѓаните на Република Македонија,  изјави Груби.

Мандатот на пратеникот е исклучително силен бидејќи зад него стојат седум  до 10.000 граѓани и, посочи тој,  затоа се поставува прашањето кој има право овој мандат и довербата на граѓаните да не ја уважи, дали партијата, граѓанинот или, пак, пратеникот, оваа комисија или пак Собранието. Уставот и Деловникот се јасни, но кој ќе го суди ваквото однесување на опозцијата, прашува Груби.

– Кој ќе го суди ова дали ние како Комисија, Собранието, или пак граѓаните кои што треба да ја казнат оваа недоверба. Граѓаните им ја дале довербата на пратениците на СДСМ, меѓутоа тие не ја реализирале оваа доверба со застапување на граѓаните во Собранието. И верувам дека одлуката и осудата за овој акт ќе ја добијат од самите граѓани на следните избори, кога и да се случат тие, изјави Груби.

Предлог-одлуката што денеска ја донесе оваа Комисија ќе биде доставена до претседателот на Собранието Трајко Вељановски кој врз основа на членот 59 од собранискиот Деловник треба да ја стави на дневен ред на првата наредна седница. Засега нема информација кога Вељановски би ја закажал седницата на која би можело да им бидат одземени мандатите на овие прaтеници. Мандатите на пратениците може да им бидат одземени со двотретинско мнозинство, а Собранието ќе се изјаснува поединечно. Доколку се случи да им бидат одземени мандатите, ќе треба да бидат распишани делумни избори.