Паднаа маските СДСМ и официјално зад штрајкот на СОНК

Штрајкот на СОНК не беше поддржан од најголемиот број професори и членови на СОНК, а се штрајкува само во општините Струмица и Куманово, каде локалната власт е во рацете на СДСМ. Како директна потврда за тоа дека штрајкот има единствено политичка конотација и дека зад него стои токму СДСМ е и тоа што општинската организација на партијата од Струга синоќа излезе со соопштение за штрајкот на просветните работници, кое беше пренесено од страна на локалната телевизија Спектра.

– Наставниците и професорите имаат уставно загарантирано право на штрајк. Законските измени имаа единствена цел, а тоа е заплашување и уценување на просветните работници. Очигледно, во Струга најголем дел од нив не подлегнаа на притисоците и заканите што ги добиваат во многубројните лични јавувања од страна на директорите. Во струшките училишта стравот е победен. Ние целосно ги поддржуваме нивните барања. Не може екстерното тестирање да биде критериум за парична казна, а кога власта може да троши пари за споменици, за камен и мермер, тогаш може да им ја зголеми и платата на вработените и да им ги подобри условите за работа. На крајот, ги повикувам директорите да прекинат со притисоците зошто го кршат уставот и поради тоа ќе одговараат, изјави претседателот на СДСМ од Струга, Даме Ложанкоски.

Инаку, со ова во целост паднаа маските и се потврдија информациите дека зад т.н. штрајк во образованието на СОНК, не стои никој друг туку најголемата опозициска партија во државата СДСМ.

Само за потсетување, штрајкот на СОНК не беше поддржан од најголемиот број професори и членови на СОНК, кои на претседателот Јаким Неделков му порачаа  дека нема да го поддржат штрајкот за кој сметаат дека води лична битка за нов мандат и остварување на свои лични амбиции.

фото: spektra.com.mk